Според предлогот на измените во Изборниот законик кои денеска се доставени во македонското Собрание, за независните кандидати ќе биде потребно да собираат потписи на 0,8 проценти од запишаните избирачи во изборните единици или општините. Тоа, на пример, ќе значи дека еден независен кандидат за скопски градоначалник ќе треба да собере потписи на 3.794 граѓани, за градоначалник на Куманово – 752, за Тетово – 703, за Битола – 618 потписи, Охрид – 420, Кичево – 408, Струмица – 402, Велес – 359…
– Решението за Скопје, со околу 3.800 потписи, е праг за исклучување на граѓанско учество. Тоа се 253 потписи секој ден бидејќи треба во рок од 15 дена да се соберат. Прилично е невозможно толку активност да се случи – ни изјави Јана Белчева од граѓанската организација Шанса за Центар.
Оттаму, уште порано до работната група предложија условот за независна кандидатура за скопски градоначалник да биде 300 граѓански потписи. За други општини, зависно од нивната големина, се предлагаат од 20 потписи од избирачи во општините до 2.000 избирачи, па до 200 потписи од избирачи во општините над 100.001 избирачи.
Независните граѓански иницијативи денеска побараа итни измени на Изборниот законик со кои ќе се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии, за сите учесници да имаат фер, еднаков и реално достапен изборен процес. Тие побараа и да бидат вклучени во процесот на одлучување и носење на измените на Изборниот законик и посочија дека Министерството за правда се уште не одговорило на листата со барања која независните иницијативи им ја доставија пред неколку месеци
Тие во листата побараа разумен, пропорционален и реално достижен број на потребни потписи за независни кандидати и листи, можност потписите да се собираат и на терен, пред овластени лица, по јасни и контролирани правила, родолжување на рокот за собирање потписи од 15 на 30 дена, јасно означување на независните листи со име на гласачкото ливче и ист реден број за кандидатот за градоначалник и советничката листа кога се од ист предлагач.
Меѓу барањата на независните иницитаиви се и обезбедувањето вистинска, еднаква и транспарентна ждрепка за утврдување на редоследот на гласачкото ливче, можност независните иницијативи да поднесуваат и делумни советнички листи, наместо задолжително целосно пополнети листи, можност кандидатот за градоначалник истовремено да биде и кандидат на советничката листа од истиот предлагач, како и еднаков пристап до медиуми, дебати, информативни програми, билборди и платено политичко рекламирање до финансирање и враќање на надоместокот според освоени гласови, под исти услови како за политичките партии и поедноставување на регистрацијата и финансиско-административните обврски за независните иницијативи, особено за оние што веќе освоиле мандати.
-Демократијата не смее да биде резервирана само за партиите. По средбата, не добивме јасен писмен одговор дали нашите барања ќе бидат разгледани, дали се прифатливи, кои од нив ќе влезат во законските измени и кога ќе бидеме вклучени во суштинска расправа. Нашите барања не се барања за привилегии. Тие се барања за еднакви правила, за политички плурализам и за вистинско право на граѓаните активно да учествуваат во политичкиот живот без непропорционални административни, финансиски и медиумски бариери – велат од деветте независни иницијативи.
Од таму велат дека демократијата се мери според тоа дали граѓаните имаат реална можност да се организираат, да се кандидираат, да бидат видливи, да комуницираат со јавноста и да добијат фер шанса да ја побараат довербата на избирачите. Посочуваат дека во моментов, независните иницијативи формално имаат право да учествуваат на избори, но во пракса се соочуваат со систем кој е применлив за партиски структури, високи прагови за потписи, кратки рокови, сложени процедури, нееднаков пристап до медиуми, ограничена видливост на гласачкото ливче и непотребни финансиски и административни обврски.
-Бараме бројот на потребни потписи за независни кандидати и листи да биде разумен, пропорционален и реално достижен. Условите за кандидирање не смеат да бидат поставени така што ќе ги обесхрабрат или оневозможат граѓаните кои немаат партиска инфраструктура. Ова барање е во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, кои јасно укажуваат дека потписите може да бидат услов за кандидатура, но не смеат да бидат прекумерна бариера. Бараме независните листи да бидат јасно препознаени на гласачкото ливче. Гласачите не смеат да бидат ставени во ситуација да бараат кандидат или листа само преку име на носител или ознака „група избирачи“ – посочуваат иницијативите. (Б.Ѓ.)












