понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПРЕМИЕРОТ ЗА УТРЕВЕЧЕР ГИ НАЈАВИ СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО ВЛАДАТА: Принципиелен...

ПРЕМИЕРОТ ЗА УТРЕВЕЧЕР ГИ НАЈАВИ СИТЕ ДЕТАЛИ ЗА ПРОМЕНИТЕ ВО ВЛАДАТА: Принципиелен договор за поделба на ресорите има, на ред се имињата

35

Договор со коалициските партнери Влен и ЗНАМ околу ресорите за најавената реконструкција на Владата принципиелно е постигнат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. За време на денешниот престој во скопската општина Гази Баба, одговарајќи на новинарски прашања во врска со информациите дека Вреди го презема ресорот правда од ЗНАМ и што би добила партијата на Максим Димитриевски како замена, Мицкоски остана на ставот дека нема да коментира детали пред партиските тела.

– Не сме разговарале за персонални решенија за имиња. Принципиелно имаме договор околу ресорите. Јас во минатото кажав, додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата, нема да коментирам ниту ресори ниту имиња. Почекајте до вторник до 20 часот, јавноста ќе биде подетално запознаена – изјави Мицкоски.

Тој одби да ги коментира и најавите на Влен, од каде што веќе јавно кажаа дека ќе раководат со шест владини ресори. Прашан за тоа кога ќе почне промената по останатите ешалони на власта, Мицкоски појасни дека на агендата за овој месец е реконструкцијата на Владата, предвиден е ребалансот на Буџетот, а на одредени седници ќе се донивелираат и одредени реформски закони што се потребни за Реформската агенда.

– Потоа во август Собранието е на годишен одмор, така што со процесите понатаму продолжуваме од септември – додаде тој.

Според неофицијалните информации, како предлог за нов министер за правда се споменува Јетон Шасивари, правник по професија, а на министерската фотелја во култура седнува актуелниот заменик, Седат Сулејмани.

Од коалицискиот партнер во Владата, Вреди, завчера најавија дека по владината реконструкција ќе раководат со шест министерства – Животна средина, Економија, Правда, Евроинтеграции, Култура и Министерството за односи меѓу заедниците. Од редовите на ЗНАМ во текот на викендот соопштија дека по владината реконструкција, движењето ЗНАМ ќе биде посилно и кадровски и со потенцијал. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ