понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ИЗМЕНИТЕ ВО ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО БЕЗ МЕЃУПАРТИСКИ КОНСЕНЗУС: Изборниот законик тргна во процедура,...

ИЗМЕНИТЕ ВО ИЗБОРНОТО ЗАКОНОДАВСТВО БЕЗ МЕЃУПАРТИСКИ КОНСЕНЗУС: Изборниот законик тргна во процедура, го чекаат две блокади

263

Измените на Изборниот законик кои би требало да се применат на следни парламентарни избори тргнаа во собраниска процедура на усвојување, но неизвесно е дали тоа на крајот и ќе се случи. Зад предложените промени, кои се резултат на договарањата во меѓупартиската работна група која изминативе месеци работеше во Министерството за правда, стојат претставници на три владејачки партии – ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, но и од опозициската ДУИ. Доставениот предлог треба да се усвојува по итна постапка поради што попладнево веќе бил ставен на дневен ред при што пратениците требаше да се изјаснуваат за потребата за неговото донесување. Ова е еден од важните закони со чие усвојување треба да се исполни најголемиот дел од обврските кои земјава ги има во рамите на Реформската агенда чиј рок истекува деновиве.

Меѓутоа, по вчерашните реакции на три опозициски партии – СДСМ , Левица и ЛДП – се поставува прашање дали измените воопшто ќе дојдат во фаза на гласање. Лидерите на СДСМ и на Левица Венко Филипче и Димитар Апасиев  категорично соопштија дека нивните пратеници ќе го блокираат донесувањето на новите законски решенија.

Што е договорено во работната група?

Според сознанијата, предмет на изјаснувањето на пратениците треба да бидат решенијата кои биле договорени од мнозинството членови на меѓупартиската работна група. Така, со измените на правилата за изборите се предвидува овозможување на електронското гласање на македонските државјани кои живеат во странство и со што треба да се замени нивното гласање по нашите амбасади и конзулати. Со ова, секој граѓанин, кој претходно ќе се пријави за гласање, ќе може да гласа електронски на изборите за претседател на Републиката и за пратеници во Собранието преку безбеден електронски систем на Државната изборна комисија. За кандидирање на независните кандидати предвиден е услов од 0,8 проценти потписи од запишаните гласачи. Во однос на парите за политичко рекламирање, 42 проценти ќе може да искористат двете најголеми политички партии од позицијата и од опозицијата – според бројот на пратеници во собранието, 8 проценти партиите со пратеничка група, 5 проценти оние без пратеничка група и 3 проценти за вонпарламентарните партии и независните кандидати. Најмногу 6.000 евра од физичко лице и најмногу 50.000 евра од правно лице е дозволено финансирање на партиите во кампањата.

Но, дека нешто не е во ред со вака договорените решенија на работната група која работеше без учество на опозициската СДСМ, се виде, откако пратеникот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ги прозва челниците на Левица дека ненадејно го смениле мислењето.

– Иако претходно се согласиле околу решенијата за распределбата на средствата за државно финансирање на партиските кампањи, претставниците на Левица, Борислав Крмов и Реџеп Исмаил, нè информираа дека нема да бидат потписници на предлог на измените во Изборниот законик. Во групата, сите партии се договоривме на компромисот кој предвидува предвидените пари од државата да се делат по принципот: 42 отсто за двете најголеми партии од опозицијата, 8 проценти за партиите кои имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми и 5 отсто за партиите кои немаат пратенички групи и 3 отсто за вонпарламентарните партии/група избирачи – објасни Милошоски.

Тој додаде дека измените ќе бидат предложени во Собранието, но без измените врзани со државното финансирање во членот 76-д. Односно, дека ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложија на Работната група и ќе биде поддржан.

Попречување со сите парламентарни механизми

Меѓутоа, лидерот на Левица, Димитар Апасиев, категорично ги отфрли ваквите тврдења и најави блокада.

– Ние ќе го блокираме носењето на Законикот доколку во него останат дискриминаторските одредби што ја исклучуваат Левица од државното финансирање на изборната кампања. Во ниту еден момент не се постигна консензус за ваков Изборен законик. Тоа што учествувавме во работниот процес, не нè обврзува да ги потпишеме решенијата, кои воопшто не беа консензуално донесени. Нашиот предлог беше државните пари да се делат по принципот 40:40:10:5:3, но тоа не беше прифатено. Ние сме на ставот или да има пари за сите или да нема за никој државно финансирање. Наместо државно финансирање, може да има само телевизиски дебати. Но, повторно остануваат истите законски решенија кои и ОБСЕ ги оцени како спорни – за сите има, само за Левица нема. Тоа е класична политичка дискриминација – нагласи Апасиев, најавувајќи дека „ќе ги искористат сите парламентарни механизми за да го спречи усвојувањето на Законикот доколку спорните одредби останат непроменети“.

Механизам на блокирање најави и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој обвини дека со вака договорениот Изборен законик се отвора врата за изборна кражба.

– Ова Собрание не смее да донесе ваков закон. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски, ние овој закон во Собранието ќе го блокираме – рече Филипче, потсетувајќи дека претходно се повлекле од работната група поради укинувањето на моделот на „пржинската влада“.

Филипче посочи дека една од најспорните одредби е воведувањето електронско гласање за дијаспората.

– Се предлага електронско гласање на дијаспората. Тоа значи без никаква проверка на луѓе кои не знаеме, наши иселеници каде се, кој ќе им го провери   идентитетот, едноставно, пред компјутер ќе може да  гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвора ризик за масовно и   неконтролирано гласање, исто како што тоа беше за време на владата на Никола Груевски. Тоа е еден систем што е многу опасен, што отвора врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт – рече Филипче додавајќи дека е загрозена и тајноста на гласањето.

И лидерката на опозициската ЛДП, Моника Зајкова, за ВЕЧЕР изјави дека е незадоволна од понудените измени.

– Нема отворени листи – нема наша поддршка. Нема консензус за потписите за независните листи. Нема еднакво право на електронско гласање за сите граѓани – не е реформа само дијаспората да гласа. Ние немаме консензус за важните прашања. А ако некој мисли дека „консензус“ значи неколкумина да диктираат, а другите само да климаат со глава, тогаш тоа не е демократија, а уште помалку е консензус – нагласи Зајкова.

ИЗДВОЕНИ