сабота, октомври 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Огнот кај Чаниште сè уште активен, прекинат кракот кон селото Крушевица

Огнот кај Чаниште сè уште активен, прекинат кракот кон селото Крушевица

38

Пожарот кај селото Чаниште, Прилепско,  и понатаму создава тешкотии, но според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, селото е безбедно.

Тој истакна дека нема активен крак кон селото Крушевица.

– Има еден активен крак кон селото Орле – Битолско, со кој се борат битолските пожарникари. Таму е ангажиран булдожер кој прави противпожарна пресека. Од страната на селата Чаниште и Крушевица работат прилепските пожарникари помогнати од специјални тимови на ДЗС, огнени тимови со 4 пинцгауери и повеќе тимови на ДЗС составени од доброволни пожарникари од Битола, Кочани и Виница – изјави Ангелов.

Наведе дека многу помогнал и полицискиот хеликоптер. Според Ангелов, спасени се неколку манастири, неколку трла и еден пчеларник.

Исто така, информираше дека е активен и пожарот кај Студеничани кој, како што наведе, повеќе чади, отколку што гори, но и пожарот на територијата на Општина Македонски Брод, каде што ветрот претставувал проблем во неговото гаснење.

Тој повторно ги повика граѓаните да внимаваат, бидејќи како што нагласи, доволна е една искра за да се случи катастрофа.

На територијата на државата, денеска, до 13:00 часот, биле регистрирани вкупно 8 пожари на отворен простор, од кои 4 се активни, 2 се под контрола, а 2 се изгаснати.

Активни се пожарите во селата Моране, Вртекица и Рамни Габер – Општина Студеничани, каде што гори мешана шума, во местото викано Видуш, кај селото Драгов Дол и кај селото Локвица – Општина Македонски Брод, каде што горат ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки. Потоа, во селото Чаниште, крак кон селото Крушевица, селото Лопатица, крак кон Црна Река и крак кон селото Орле – Општина Новаци, каде што гори ниска вегетација, а активен е и пожарот на депонијата Буково – Општина Охрид, каде што гори ѓубре.

Под контрола се пожарите во селото Копанце – Општина Јегуновце, каде  што гори мешана шума и на депонијата во Делчево. Изгаснати се пожарите во селото Рашче – Општина Сарај и во селото Просениково – Општина Струмица.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ