петок, јули 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Како се полни државната каса – Царината и УЈП ги затегнаа „чешмите“

Како се полни државната каса – Царината и УЈП ги затегнаа „чешмите“

1

Продолжува растот по месеци на приходите од наплата од царини и даноци. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференцијата организирана по повод двегодишниот отчет за работата, истакна дека заклучно со 30 јуни 2026 година, има сериозен раст во реализацијата на приходите од Царинската управа и Управата за јавни приходи, споредено со јуни 2025 година.

– Царинската управа реализираше значителен напредок во сите клучни сегменти од своето работење, со директен придонес кон зајакнување на фискалната стабилност, безбедноста и економската отпорност на државата. На оперативен план се зајакнати капацитетите за контрола и спречување нелегални активности, при што се спречени над 2.700 обиди за нелегални дејства, со што е значајно придонесено за заштита на државната сигурност и интегритетот на царинскиот систем. Во истиот период се евидентирани околу 950 случаи на заплени, што укажува на засилена теренска активност и на подобрена ефикасност во откривањето недозволени стоки и прекршувања. Во делот на истражните капацитети, во втората половина од 2024 година биле поднесени 70 кривични пријави, што претставува речиси 80 % од вкупно поднесените пријави во таа година, додека во 2025 година било забележано дополнително засилување на активностите со 213 поднесени кривични пријави, што е петкратно зголемување во однос на годишниот просек во периодот 2017–2023 година. Вкупно, од почетокот на мандатниот период, преку Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, поднесени се 374 кривични пријави против 854 физички лица и 283 правни лица, што ја потврдува засилената и континуирана борба против организираниот и економскиот криминал – рече министерката.

Директорот на Царината, Бобан Николовски, истакна дека во јуни 2026 бил постигнат нов рекорд во месечната наплата на приходи.

– Во јуни, наплативме приходи од 12,68 милијарди денари, што е за 37,9 милиони евра повеќе, што е раст од 22,5 % во споредба со тој месец минатата година. Со тоа поставивме нов рекорд во месечната наплата на приходи од основањето на Царинската управа –  рече Николовски.

На кумулативно ниво, од почетокот на годинава, наплатата на приходи е зголемена за 63,3 милиони евра во однос на лани.

– Ги затегнавме чешмите од сите страни и во континуитет постигнуваме резултати, кои овозможуваат одржлив економски раст – истакна Николовски.

Наплатата на даноци и придонеси од страна УЈП во првата половина од 2026 година достигна исклучителни 2 милијарди и 271 милиони евра, што е за 231,8 милиони евра повеќе од истиот период лани и претставува уште една потврда за забрзаното темпо на раст на јавните приходи

Во периодот јануари–јуни 2026 година, даночните приходи бележат раст од 14,9%, додека приходите од придонеси се повисоки за 7,6% во однос на истиот период во 2025 година. Особено се истакнува месец јуни, во кој е забележан значителен раст на остварените приходи од даноци од 41,6%, како и раст на приходите од социјални придонеси од 12,0% во однос на истиот месец од претходната година.

Овие резултати претставуваат потврда за стабилната наплата на јавните приходи, зајакнатата доброволна усогласеност на даночните обврзници и позитивните економски движења. Стабилната наплата на приходите е еден од клучните предуслови за стабилни јавни финансии, навремено сервисирање на буџетските обврски и обезбедување средства за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и останатите јавни услуги.

Во првото полугодие од 2026 година по основ на данок на добивка се наплатени 224,5 милиони евра, што претставува раст од 14,5% во однос на истиот период минатата година.

Наплатата бележи континуиран месечен раст кај сите компоненти на овој данок. Особено е значајно што растот кај данокот на добивка кај годишните даночни биланси и месечните аконтации произлегува од подобрените финансиски резултати на компаниите во 2025 година, што укажува на реален раст на економската активност. Истовремено, значителен раст е забележан и кај задржаниот данок и данокот на вкупен приход.

Кумулативниот раст во апсолутен износ е речиси 17 пати поголем од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година. Ова укажува на значително забрзано темпо на раст на приходите.

Во март и април 2026 година е реализирана највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години.

Во првото полугодие од данокот на личен доход се наплатени 285,2 милиони евра, што е 11,7% повеќе во споредба со истиот период лани.

Раст на наплатата е евидентиран секој месец, а најголемо зголемување има кај доходот од работа (особено по договори на дело и авторски права), доходот од закупнини, доходот од капитал и капитални добивки, доходот од игри на среќа, како и кај доплатите по годишниот данок на доход.

Кумулативниот раст на приходите од овој данок е речиси двојно повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година.

Особено се издвојува месец јуни, кога е остварен раст на наплатата од 20,8% и еден од најдобрите месечни резултати во апсолутен износ на наплата.

Во првите шест месеци од годинава по основ на ДДВ се наплатени 703,4 милиони евра, што е 16,4% повеќе во споредба со истиот период лани.

Кумулативниот раст на приходите од ДДВ е шест пати повисок од растот што беше остварен во првото полугодие од 2025 година во однос на 2024 година, што укажува на значително побрза динамика на раст.

Континуиран раст е евидентиран кај бруто наплатата на ДДВ од увоз и од промет во земјата. Особено е значајно што растот на приходите е остварен и покрај примената на намалените стапки на ДДВ за горивата во дел од годината, што значи дека позитивните резултати се должат на поширока даночна база, повисока економска активност и подобра наплата, а не на повисоко даночно оптоварување.

Во периодот јануари–јуни 2026 година по основ на социјални придонеси се наплатени 1 милијарда и 57,7 милиони евра, што претставува раст од 7,6% во однос на истиот период минатата година.

Континуираниот раст на јавните приходи не е само показател за успешна работа на даночната администрација. Тој е показател за посилна економија, поголема даночна дисциплина и доверба во институциите. Управата за јавни приходи ќе продолжи да ги спроведува реформите што обезбедуваат фер даночен систем, модерни услуги и стабилни јавни финансии во интерес на граѓаните и стопанството.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ