Се отвора нова страница на братско и евхаристиско заедничарење меѓу Бигорскиот манастир и Света Гора, а со тоа, извесно, и меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија. Иднината ќе покаже што може да донесе тоа како решение за забавеното решавање на прашањето за издавање томос за автокефалност за Македонската црква. Сега, сигналите за обновување на дијалогот се испратени и не треба да биде изненадување доколку се случи тоа во блиска иднина. Ваков е, може да се каже, сумарниот резултат од престојот на епископот антаниски, Партениј, на Света Гора, а кој кулминираше со заедничка богослужба со вселенскиот епископ, Атинагора, по повод празникот посветен на свети Пантелејмон, во Кутлумушкиот скит.
Иако престојот на дел од братството на Бигорскиот манастир во најголемото православно светилиште за свој повод го имаше враќањето на епископот Партениј по 36 години на Света Гора, јасно е дека посетата беше повеќе од тоа. Односно може да се каже дека по неа односите меѓу МПЦ-ОА навлегуваат во нова фаза, која за почеток треба да има подобра клима и, најверојатно, почести контакти. А тоа недостигаше во изминативе неколку години откако се усложни и се запре проблемот со издавањето томосо за автокефалност на МПЦ-ОА поради барањата на Вселенската патријаршија, кои се неприфатливи за македонскиот црковен врв. Она што особено се забележува околу овој престој е потенцирањето на фактот што имал благослови како од вселенскиот патријарх, Вартоломеј, под чија јурисдикција се светогорските манастири, така и од дебарско-кичевскиот митрополит, Георгиј, кој му е надреден на епископот Партениј. Односно и од архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, како поглавар на МПЦ-ОА.
– Вашето доаѓање и архијерејско присуство станаа можни благодарение на канонската дозвола и татковскиот благослов на епископот на ова свештено место, Неговата сесветост, нашиот вселенски патријарх, г. г. Вартоломеј, кон чија чесна личност ги насочуваме нашите мисли, изразувајќи ги нашите синовска преданост, почит и неизмерна благодарност за подвизите што ги вложува. Чувствуваме потреба и срдечно да му заблагодариме и на Вашиот надлежен архипастир, Неговото високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски, г. Георгиј, за неговата братска согласност и дозвола да бидете меѓу нас… – кажа во своето поздравно обраќање игуменот на светогорскиот манастир Кутлумуш, Николај.
Таква благодарност јавно беше искажана и од епископот Партениј, кој особено им се заблагодари на вселенскиот патријарх, Вартоломеј, за благословот да дојде на Света Гора, и на својот владика, Георгиј, чии поздрави им ги пренел на светогорските братства.
Ако се гледа наназад, се чини дека неслучајно новиот импулс за обновување на комуникацијата меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија оди преку братството на Бигорскиот манастир. Сознанијата покажуваат дека во изминативе години, голем придонес во унапредувањето на односите, што кулминираше со признавање на МПЦ-ОА како канонска црква од страна на ВП, дал овој македонски манастир. Пред четири години, кога имаа македонските владици сослужување со владици на ВП во нивниот центар во Фанар, вселенскиот патријарх, Вартоломеј, го пофали и придонесот што го имало братството на Бигорскиот манастир во лекувањето на долготрајниот раскол. Во изминативе години, овој манастир е влезна порта и за доаѓање на претставниците на ВП во Македонија, особено на митрополитот на Имврос, Кирил, кој е специјално ангажиран за разрешување на спорот околу издавањето томос за нашата Црква. Ваквиот ангажман предизвика кај дел од јавноста негативни реакции и обвинувања дека епископот Партениј е приврзаник и експозитура на Вселенската патријаршија, дека работи против македонските интереси и слично. Но, во заднина на ангажманот можеше да се препознае дипломатската стратегија на МПЦ-ОА, аминувана од самиот врв, со која се спроведува комуникацијата со одредени православни цркви преку одредени владици за кои ќе се процени дека може да го постигнат посакуваниот успех. Практично, се работи за стратегија со која дел од владиците во македонскиот црковен врв добиваат задачи за ангажирање во релациите со одредени православни цркви, со цел да се дојде до решавање на прашањата што се од непосреден црковен интерес.
Таква стратегија во црковната дипломатија во изминативе години може да се препознае и во ангажманот на преспанско-пелагонискиот митрополит, Петар, кој е особено ангажиран во релациите со Руската и со Српската православна црква. Тој, заедно со сега починатиот владика Тимотеј, досега имаше бројни контакти со претставниците на двете цркви, особено во периодот пред и по донесувањето на томосот за автокефалност на МПЦ-ОА пред четири години. Како резултат на тоа, дојде и признавањето на нашата црковна автокефалност од страна на Руската православна црква. Владиката Петар, минатата година, заедно со својот тогашен викарен епископ велички, Никола, беше во неколкудневна посета на Руската православна црква, во ситуација кога таа Црква е практично изолирана од бројни други православни цркви поради својот став околу војната во Украина. Не изостанаа ни неговите посети на Српската православна црква. Посети што, како и некои други потези што ги повлекуваше во тој период најтесниот македонски црковен врв, донесоа и обвинувања во јавноста за преголема блискост на овој митрополит со Руската и со Српската црква и за постоење најразлични струи во македонскиот Синод. Истовремено со ова, беа забележани и посетите што ги направи на Романската православна црква струмичкиот митрополит, Наум, кој одамна има добри релации со нејзините достоинственици.

Практично, и последниот пример со епископот Партениј, како и досегашните ангажмани на одредени владици, покажуваат стратегија со која се става црковната дипломатија во рацете на конкретни достоинственици за кои ќе се процени дека може да дојдат до посакуваната цел. Врзано со ова, од македонските владици постојано се добива одговор дека при донесувањето одредени одлуки, „тие секогаш се водат со интересите на нашата Црква и на народот“.
За верските аналитичари нема ништо спорно во една таква стратегија, сè додека се работи за урамнотежен пристап.
– Постоењето владици што се своевидни „офицери за врска“ со одредени православни цркви, не е ништо невообичаени за овие верски заедници. Гледаме дека и самата Вселенска патријаршија, но и други православни цркви, имаат достоинственици што најчесто комуницираат со нашите владици. Тие се, секако, најдобро упатени во суштината на проблемите и барањето можни компромиси. Но, најважно е да се одржува комуникација со сите, а не само со една групација во поделеното православие, во кое се води своевидна војна меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија – оценуваат аналитичарите. (Б. Ѓ.)












