Јурумлери ќе добие фекална канализација

38

Населеното место Јурумлери, на територијата на општина Гази Баба, ќе добие нова фекална вакуумска канализација, зона 1 и зона 2. Овој значаен проект, со вредност од 59.830.813 денари, опфаќа изградба на нова мрежа на фекална канализација во должина од 4.071 метар.

Увид во градежните активности денеска извршија министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, но и ја најавија и втората фаза од изведбата на проектот. За неа, Општината аплицираше на вториот владин повик за поддршка на општински инфраструктурни проекти, чија вкупна вредност изнесува без малку 150 милиони денари, од кои речиси 145 милиони денари се побаруваат од Министерство за животна средина и просторно планирање, а останатите се кофинансирани од страна на општината.

Градоначалникот Стефковски истакна дека станува збор за проект особено значаен за Јурумлери и дека покрај новата канализациска мрежа, ќе се изградат и 189 индивидуални приклучоци за домаќинствата, со што значително ќе се подобри животот на граѓаните, како и квалитетот на животната средина и јавната хигиена. Притоа, тој наведе дека со комплетната реализација на проектот целото населено место ќе има канализациска мрежа со пречистителна станица.

-Станува збор за историски проект. Првата фаза е целосно финансирана од општинскиот буџет, а за втората фаза и комплетна реализација ние како централна власт ќе одвоиме близу 150 милиони денари. Навистина сум горд, заради тоа што кумулативно за овој проект ќе се издвојат близу 3,5 милиони евра и ќе се реши еден децениски проблем – изјави Перински.

Тој додаде дека во локалниот развој, преку Програмата за намалување на диспаритети, министерството потпишало нови 38 договори за нови проекти во висина од околу 88 милиони денари, а минатата недела, на седница на Советот за рамномерен регионален развој, била донесена предлог-одлука за поддршка на 47 проекти, за кои ќе се издвојат 116 милиони денари, кои ќе се реализираат во сите региони во државата.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ