Учениците ќе ја почнат новата учебна година со обезбедени учебници, а најголемиот дел од нивната дистрибуција веќе е завршена, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во интервју за телевизија Сител, Јаневска истакна дека Министерството за образование и наука презело повеќе мерки за подобрување на системот за издавање и дистрибуција на учебниците, вклучително и донесување нова законска рамка со која учебникарството е префрлено кај издавачките куќи.
– Дотогаш Министерството беше и печатница и учебникар, што беше тешко спроведливо и несоодветно. Сега тоа го префрливме кај издавачките куќи – нагласи Јаневска.
Таа нагласи дека процесот е направен максимално транспарентен и дека сите документи поврзани со постапките се достапни на веб-страницата на Педагошката служба. Дополнително, биле организирани три онлајн семинари за училиштата со цел правилно да се спроведува замената на старите и оштетени учебници.
Според министерката, во претходните години се појавувале проблеми со дотраени и оштетени учебници поради несоодветно спроведување на процедурите во училиштата, но очекува годинава тие пропусти да бидат надминати.












