Израелската војска денес објави дека засега нема да ги повлече трупите од јужен Либан, каде што се бори против милитантното движење Хезболах, поддржано од Иран.
„Израелските сили се распоредени во Безбедносната зона, приближно 10 километри на територијата на Либан, за оперативни потреби. Израелските војници ќе продолжат да ги елиминираат заканите и да ја зајакнуваат одбраната на жителите на северен Израел“, соопшти израелската армија на социјалната мрежа X.
Кон објавата прикачи ажурирана мапа на „Безбедносната зона“ во јужен Либан.
Зоната каде што се наоѓаат израелските трупи се протега по целата граница меѓу Либан и Израел и се протега 10 километри длабоко на територијата на Либан.
Мапата покажува дека израелските трупи напредувале подлабоко откако во април беше објавена првата линија на одбрана, достигнувајќи до периферијата на градот Набатија.
Директните преговори меѓу Израел и Либан се уште се во тек, а потенцијалното повлекување на израелските трупи од јужен Либан се уште се разгледува.
Се очекува преговарачките тимови на двете земји повторно да се состанат следната недела.
Иран, во разговорите со Соединетите Американски Држави, со кои неодамна потпиша меморандум за разбирање за рамка за продолжување на преговорите, инсистира прекинот на огнот да вклучува израелски акции против „Хезболах“ во Либан.
Израелските власти изјавија дека не учествуваат во преговорите меѓу САД и Иран и дека Израел има право да се брани од прекуграничните напади на „Хезболах“, пренесе „Бета“.












