сабота, октомври 31, 2026
Дома СВЕТ Лавров со нова порака до Зеленски: Aко сака средба со Путин, нека...

Лавров со нова порака до Зеленски: Aко сака средба со Путин, нека дојде во Москва

29
EPA/SHAMIL ZHUMATOV/REUTERS / POOL

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да отпатува во Москва доколку сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, повтори рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Лавров посочи дека Путин повеќепати изјавувал оти е подготвен за средба со Зеленски, и покрај случувањата во изминатите шест години, откако украинскиот претседател ја презеде функцијата.

– Тој тоа го рече откако Зеленски повика на директна средба. А претседателот Путин одговори дека ако Зеленски сака да се сретне, треба да дојде во Москва; ние ќе ја обезбедиме неговата безбедност – изјави Лавров на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта.

Претходно, шефот на украинската дипломатија, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамки на напорите за завршување на војната. Сепак, тој нагласи дека средбата не може да се одржи во Москва.

Во интервју за финскиот весник „Хелсингин Саномат“, Сибиха рече дека местото на средбата не е од клучно значење за Киев, доколку тоа не е Москва или Белорусија. Со шеговита забелешка додаде дека можеби треба да биде исклучена и Северна Кореја.

Сибиха ја оцени руската покана Зеленски да дојде во Москва како „несериозна“.

ИЗДВОЕНИ