Изложбата на фрески и икони насловена „Жив ѕид“ од авторите Никола Крнчев и Раде Најдовски е отворена во изложбениот салон на Офицерскиот дом во Битола, во рамките на „Битфест“. Со изложбата „Жив ѕид“, Крнчев и Најдовски одбележуваат 25 години заедничко творештво, информираа од КИЦ Битола.

– Изложбената поставка е своевиден печат на четврт век пријателство, партнерство и заедничка посветеност на зографската уметност. Изборот од дела ги открива нивната заедничка творечка визија и мајсторството со кое со децении го збогатуваат духовното и културното наследство во земјата и надвор од неа. Нивните фрески и икони се дел од храмови, но и од колективната меморија на генерации. Преку нив, бојата станува молитва, ѕидот – жив сведок, а уметноста – трага што го надживува времето – велат организаторите.

Битолско културно лето „Битфест“, организирано од КИЦ Битола, се одржува со поддршка од Општина Битола.

ИЗДВОЕНИ