Општина Центар почнува јавна анкета за нацрт деталниот урбанистички план за градскиот кварт Ј 05 – Барутана, продолжувајќи ја практиката на транспарентно урбанистичко планирање и активно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повика жителите активно да се вклучат и да достават свои предлози, мислења и забелешки.
– Ниту една одлука не е само моја, ниту само на Општината или Советот. Одлуките треба да ги носиме заедно со граѓаните. Затоа ги повикувам сите жители да се вклучат во јавната анкета, бидејќи секое мислење е важно и секој предлог заслужува внимание. Само преку отворен дијалог можеме да носиме одлуки што ќе бидат во интерес на граѓаните – порача Герасимовски.
Јавната анкета ќе се спроведе во периодот од 13 август до 14 септември 2026 година.
Граѓаните ќе можат да ги пополнат анкетните листови во писмена форма, секој работен ден од 8:00 до 16:00 часот, во просториите на ООУ „Кочо Рацин“ (улица „Салвадор Аљенде“ број 2), каде што ќе биде изложен нацрт-планот во хартиена форма.
Анкетните листови ќе бидат достапни и во електронска форма преку веб-страницата на Општина Центар www.centar.gov.mk, како и преку информацискиот систем е-урбанизам www.e-urbanizam.mk.
Дополнително, јавната презентација на нацрт деталниот урбанистички план ќе се одржи на 3 септември 2026 година, со почеток во 12:00 часот, во просториите на Општина Центар (улица „Михаил Цоков“, број 1), во салата за состаноци, барака број 6.
Нацрт деталниот урбанистички план се однесува на градскиот кварт Ј 05 – Барутана, за планскиот период 2025–2030 година.
Планскиот опфат е дефиниран на север, исток и на запад по оска на новопланираната собирна улица „Јужна обиколница“, а на југ по границата на Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Вкупната површина на планскиот опфат изнесува 6,89 хектари.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефоните 02/3203-605 и 02/3203-660 или на е-пошта [email protected].
Нацрт деталниот урбанистички план беше усвоен на 14 јули на седницата на Советот на Општина Центар и за него гласаа советниците на ВМРО-ДМПНЕ и на СДСМ. Советниците од „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ и по еден советник од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа против.
(А. П.)












