Загубените клучеви, паричници, мобилни телефони, чанти, па дури и регистарски таблички и домашни миленици, сè почесто завршуваат во објавите на социјалните мрежи, каде што граѓаните создаваат неформална мрежа на меѓусебна помош и солидарност. Големиот број објави сведочат дека сè уште има чесни луѓе, кои не ги задржуваат најдените предмети, туку вложуваат напор да ги вратат кај сопствениците. Најчесто се објавуваат фотографии, како и информација за локацијата каде што е пронајден предметот или каде што може да се подигне

Доколку сте загубиле личен предмет, постои голема веројатност некој да го пронашол и да го пријавил на социјалните мрежи, кои сè почесто се првото место каде што граѓаните објавуваат фотографии и информации за пронајдени предмети, со цел тие што ги загубиле полесно да ги препознаат и да си ги земат.
Големиот број објави сведочат дека сè уште има чесни луѓе, кои не ги задржуваат најдените предмети, туку вложуваат напор да ги вратат кај сопствениците. Најчесто се објавуваат фотографии, како и информација за локацијата каде што е пронајден предметот или каде што може да се земе.
Според објавите во групата „Изгубено-најдено“, неретко се случува да биде заборавен паричник на клупа, додека на други граѓани, им паѓаат телефоните без да забележат.
Една скопјанка споделила дека додека седела на клупа во населбата Аеродром, незабележано ѝ паднал „ајфон 15 про макс“. Откако се оддалечила триесетина метри, сфатила дека ѝ го нема телефонот. Се вратила до местото каде што седела, но тој веќе не бил таму.
Во групата често се објавува и за пронајдени чанти, часовници, кредитни картички, ранци, катанци за велосипеди, па дури и регистарски таблички. Покрај предметите, граѓаните пријавуваат и изгубени домашни миленици, кучиња и мачки, со надеж дека ќе помогнат повторно да се вратат кај своите сопственици.
Во обид побрзо да си ги вратат загубените работи, дел од граѓаните јавно нудат и парични награди за чесните луѓе што ги нашле, што дополнително ги поттикнува солидарноста и меѓусебната доверба.
(А. П.)












