По седумнаесетти пат, Патувачкото кино на „Македокс“ тргнува на пат, натоварено со документарни приказни и подготвено за проекции под отворено небо, соопштија организаторите на фестивалот.
До 17 јули, карванот на Патувачкото кино ќе помине низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го донесе документарниот филм на големо платно до места каде што ретко има можност да стигне.
Годинашното патување почнува денес во Неготино, со проекцијата кај Спомен-костурницата. На 11 јули, Патувачкото кино ќе гостува во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, пак, карванот продолжува во Демир Капија, на градското Шеталиште, а на 14 јули ќе биде во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери ќе се одржат на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.
– Веќе седумнаесет години, Патувачкото кино се труди да ги поврзува луѓето преку приказните и да ги собира на плоштадите, во училишните дворови и на останатите јавни простори кои се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја киновечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделување на приказни кои инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог, посочуваат од „Македокс“.
Додаваат дека патувачкото кино не го претставуваат само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.
Проекциите се бесплатни, а седумнаесеттото Патувачко кино на „Македокс“ е поддржано од македонската Агенција за филм.












