Во првите шест месеци годинава низ Скопскиот и Охридскиот аеродром поминале 1,95 милиони патници, што е пораст од 28 % во однос на лани. Министерот за транспорт, Александар Николоски, очекува до крајот на годината бројот на патници да надмине 3,5 милиони, додека од ТАВ Македонија оценуваат дека двоцифрениот пораст е потврда за успешната стратегија, поголемата доверба на патниците и зголемената привлечност на македонските аеродроми за авиокомпаниите

 

Македонските аеродроми бележат рекорден пораст на бројот на патници. Во првите шест месеци од годинава, низ двата аеродроми поминале 1.955.648 патници, што е зголемување од 28 % во однос на истиот период лани и реализираа 13.167 летови, односно 7,6 % повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година.

Според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, бројките се одлични.

– Имаме два милиони патници за шест месеци годинава. Кога оваа Влада беше избрана, имавме нешто преку два милиони патници на годишно ниво, а сега имаме два милиони патници за само половина година – истакна Николоски.

Тој потсети дека минатата година првпат бил надминат прагот од три милиони патници, а очекувањата се годинава да биде поставен нов рекорд.

– Минатата година првпат поминавме три милиони патници, а оваа година ќе поминеме три и пол милиони, а за брзо време ќе стигнеме и до четири милиони патници, нешто што до пред неколку години беше незамисливо за Македонија – рече Николоски.

Министерот нагласи дека и двата македонски аеродроми –Скопскиот и Охридскиот, се меѓу најбрзорастечките аеродроми во регионот, а ваквиот тренд, според него, ќе продолжи и во наредниот период.

– И Скопскиот и Охридскиот аеродром се најбрзорастечки аеродроми во регионот и тоа ќе продолжи да биде така. Имаме 28 нови дестинации и навистина сум многу горд на оваа политика – нагласи Николоски.

Тој додаде дека и за време на кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток, функционирањето на македонските аеродроми не било значително нарушено.

– Во текот на кризата што беше предизвикана од војната, речиси и да не се почувствува нејзиното влијание. Дополнително, со керозин од Скопскиот аеродром се снабдуваа и аеродромите во Приштина и Ниш, што покажува дека можеме успешно да ги развиваме двата македонски аеродроми – истакна Николоски и додаде дека овие бројки претставуваат уште една потврда за успешните политики во насока на силниот пораст на воздушниот сообраќај во земјата.

Од ТАВ Аеродроми соопштија дека само во јуни, Скопскиот и Охридскиот аеродром заедно имале за 15,6 % повеќе патници (374.714) во однос на истиот период лани.

– Порастот од 28 % на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите. Тоа е резултат на нашата посветеност за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со нашите партнери. Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период – вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци, најфреквентна дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2 % пазарен удел), а потоа следуваат Минхен Меминген (4,5 %), Базел Милуз (4,4 %), Дортмунд (4,1 %), Цирих (4 %) и Франкфурт (3,9 %).

Топ-петте земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5 % пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18 %), Швајцарија (9,3 %), Италија (8,2 %) и Шведска (5,8 %).

Ако се разгледуваат бројките за двата аеродрома одделно, Скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6 % и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1.833.010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12.260 летови што е за 6,5 % повеќе споредено со истиот период лани, додека Охридскиот аеродром бележи пораст од високи 18,2 % со превезени 122,638 од јануари до јуни. Во овој период, биле реализирани 907 летови, што е зголемување за 26 %.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ