петок, јуни 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Изгореа ли силните докази за “мазут“ ?

Изгореа ли силните докази за “мазут“ ?

Политичка војна за набавките во ТЕЦ „Неготино“ продолжува

0

Мазутот од истрагата и натаму ја разгорува дебатата во јавноста – имало или немало докази пред одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ да ја затвори истрагата во Обвинителството за организиран криминал и корупција. На прес-конференција пред Обвинителството, опозицијата го повика републичкиот обвинител, Ненад Савески, да ги побара шокантните докази со кои располага министерот за внатрешни, Панче Тошковски. Реакцијата на СДСМ следува откако министерот во телевизиско интервју пред два дена рече дека нема да дозволи предметот „Мазут“ да биде затворен, бидејќи, според него, во случајот има многу докази за кривичното дело, кои ги оцени како страшни.

„Еве му шанса сега на обвинителот Савески, за конкретен предмет, проценет на 167 милиони евра. Нека го повика Тошковски да ги донесе доказите и случајот ’Мазут’ повторно да биде активиран“, порача генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.

Од партијата прашуваат дали за запирањето на истрагата за „Мазут“ постои некаков договор помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и Асмир Јахоски од „Пуцко петрол“, кој е еден од осомничените во случајот. Димитријевиќ посочи дека постојат сериозни сомнежи за политичко влијание врз правосудниот систем и селективна правда откако овој случај беше прекинат од Обвинителството.

„Како тоа се одредува притвор за недокажани 1.800 евра, а се прекинува постапка за 167 милиони евра? Како тоа членот на обезбедувањето на Мицкоски условно се пушта за претепување, а за недокажани 1.800 евра се одредува притвор?“, велат од партијата.

Министерот за полиција е уверен од полициските истражители дека за случајот со набавките на мазут од фирмите на Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски за потребите на ТЕЦ „Неготино“ има цврсти докази.

„Обвинителот може да донесе одлука каква што цени дека треба да донесе, но пред фактите и боговите молчат. Кога имате состанок со истражители кои ви велат министре, ова што се случува во овој предмет е, во најмала мера, надвор од памет, јас прашувам зошто е тоа така. Тие појаснуваат дека станува збор за непостапување согласно со доказите кои се темелно анализирани и кои даваат основано сомнение за криминал“, изјави министерот.

Предметот се наоѓа пред Вишото јавно обвинителство на одлучување по жалба на оштетената ЕСМ. Тече рокот од 30 дена од приемот на приговорот во кој надлежниот виш обвинител, Јован Цветановски, ќе треба да се произнесе, по што ќе се знае дали истрагата за случајот за набавката на мазут ќе се истражува повторно со насоки од повисокото обвинителство или предметот, конечно, ќе биде затворен. Доколку се донесе одлука за реотворање, истрагата повторно ќе ја води обвинителката Коларевиќ.

Впечатокот што го остави државниот обвинител Савески е дека тој има голема доверба во колешката, која ја познава од неговите судиски денови.

„Ми беше чудна и реакцијата на политичарите. Сметам дека е подобро да ја запре истрагата, отколку да поднесе обвинение, па тоа обвинение да заврши, да речеме, со ослободителни пресуди“, изјави во средата Савески.

Во приговорот од Електрани стои дека сведоците, инаку помошник-директор за производство и советник за комерцијални работи, биле пратени како лица со капацитет да објаснат технички аспекти од процесот и немале правни и менаџерски ингеренции да говорат за штетата, поради што се смета дека фактичката состојба е погрешно утврдена.

Обвинителот Савески најави дека контролата во предметот, на барање на ЕСМ, ќе ја направи откако Вишото ќе одлучи за судбината на истрагата.

„Да не се сфати како притисок врз одлучувањето по жалбата“, изјави обвинителот. Претходно, објаснувајќи го пред новинарите телефонскиот разговор со премиерот Христијан Мицкоски, кажа дека не зборувале за детали од предметот, туку му дал совет околу правните лекови.

„Само ми се јави да праша дали е навистина така одлучено, му потврдив, ме праша дали предметната обвинителка ми реферирала, кажав дека не, зашто сметала дека нема потреба, праша околу законската опција – му кажав дека може да се поднесе приговор“, рече државниот обвинител Савески. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ