Пожар избувна вечерва во непосредна близина на населбата „Гоце Делчев“ во Охрид, меѓу охриѓани позната како „Бараки“. Според првичните информации, огнот зафатил сува вегетација, а на терен веднаш интервенирале екипи на Територијалната противпожарна единица.
Густ чад се издига од местото на пожарот и е видлив од повеќе делови на Охрид, при што прекри и неколку населби во градот. Пожарникарите работат на локализирање на огнената стихија и спречување на нејзиното понатамошно ширење.
Засега нема информации дали пожарот ги загрозува околните станбени објекти, ниту дали има повредени лица.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште не се познати. Од надлежните служби се очекуваат повеќе официјални информации по завршувањето на интервенцијата.












