Македонија се соочува со двоен предизвик на пазарот на трудот – недостиг од работници во повеќе сектори и истовремено неискористен домашен работен потенцијал. Додека компаниите сè потешко наоѓаат соодветен кадар, дел од домашното население останува надвор од пазарот на трудот, а многу млади заминуваат во странство, во потрага по повисоки плати, подобри услови за работа и поголеми можности за професионален развој.
Универзитетскиот професор Борче Треновски смета дека државата треба најпрво да го активира домашниот работен потенцијал и да ги усогласи вештините на работниците со потребите на стопанството пред да се одлучи за поголем увоз на работна сила.
– Нашиот пазар на труд е многу специфичен. Ова не е поврзано само со бројот на лица што ги имаме туку и со усогласеноста на вештините што ги поседуваат тие лица – вели Треновски.
Според него, недостигот од кадар е особено изразен во земјоделството, транспортот, услужните дејности и во одредени технички професии. Затоа решението треба да се бара во поголемото вклучување на домашното население на пазарот на трудот, преквалификацијата и доквалификацијата, како и во подоброто усогласување на образовниот систем со потребите на стопанството.
– Пред да решиме да доведеме работници од странство, мораме да ги исцрпиме сите фондови што ги имаме тука. Сè уште имаме огромна неактивна работна сила – нагласува професорот.
Тој посочува дека треба да им се посвети особено внимание на долгорочно невработените и на економски неактивните лица, како и на зголемувањето на учеството на жените на пазарот на трудот. Според него, активирањето на овие категории може да придонесе за ублажување на недостигот од работници, но потребни се мерки што ќе ги отстранат пречките за нивно вработување.
Зоран Кочовски, сопственик на агенцијата за посредување при вработување во странство „Коузон“, предупредува дека побарувачката за работници во странство останува голема, бидејќи многу европски земји не може да ги задоволат потребите за кадар со сопствената работна сила. Како привлечни дестинации за македонските работници ги посочува Хрватска и Словенија, а интерес за работници од земјава има и во Србија, Црна Гора и во Бугарија.
– За жал, Македонија ќе загуби значаен број од своето работоспособно население, од причина што одењето во странство е тренд што постои повеќе години и тешко ќе запре во наредните три-пет години. Голем дел од оние што се иселуваат, го прават тоа и поради постојаната политичка несигурност и несредените економски услови во нашата држава – вели Кочовски за весникот ВЕЧЕР.
Тој смета дека треба Македонија да развие долгорочна стратегија за задржување на работната сила и за враќање на дел од иселените граѓани. Како примери од чии политики може да се извлечат корисни искуства ги издвојува Словенија и Полска, нагласувајќи ја потребата од создавање услови што ќе ги мотивираат граѓаните да ја гледаат својата иднина во земјава.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија оценува дека дел од лицата што официјално се водат како невработени, всушност, работат непријавено или веќе заминале во странство. Според него, околу 40 илјади лица што се пријавуваат во Агенцијата за вработување воопшто не се јавуваат на огласите за работа.
– Официјално имаме околу 100 илјади невработени, но голем дел од нив работат на црно. Реално, во Македонија нема повеќе од 30 илјади невработени. Во Агенцијата за вработување има регистрирано околу 90 илјади активни и 40 илјади пасивни баратели на работа. Но, проблемот е што голем дел од овие лица не се заинтересирани за работните места што ги нудат компаниите. Оние што имаат дипломи често не прифаќаат да работат во фабрики, туку чекаат вработување според својата струка. Од друга страна, работодавците имаат потреба од работници, но тешко доаѓаат до кадар, особено за работните места во производството – вели Димитров за ВЕЧЕР.
Тој посочува дека дополнителен проблем е недостигот од прецизна евиденција на невработените лица. Според него, дел од оние што сè уште се регистрирани во Агенцијата за вработување веќе заминале во странство, додека други работат непријавено. Поради тоа, како што оценува, официјалните податоци не ја отсликуваат целосно состојбата на пазарот на трудот, додека компаниите и понатаму се соочуваат со тешкотии при обезбедувањето работници.
Предизвикот за државата не е само да обезбеди дополнителен кадар за компаниите туку и да создаде услови домашната работна сила да биде поактивна и подобро искористена. Подобрите плати, сигурните работни места, можностите за професионален развој и поголемата институционална предвидливост се меѓу клучните фактори што може да влијаат врз одлуката на граѓаните да останат во земјава. Паралелно, потребни се политики за преквалификација, поголемо вклучување на неактивното население и за создавање можности за враќање на дел од иселените граѓани.
(А. С.)












