недела, октомври 18, 2026
Дома КОЛУМНИ ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Надминување на страдањата  

ЖИВОТНИ ПАТОКАЗИ, ЗОРАН КРСТЕВСКИ: Надминување на страдањата  

1

Источната мудрост нуди многу решенија за градење здрава подлога на личноста, за подигнување на свеста, за постигнување мир и хармонија и за справување со емоционалните болки и страдања. За да постигнеме еволуција на свеста, потребно е да практикуваме благодарност, фокусираност, прифаќање, следење на должноста и остварување на дармата (позитивната животна мисија). Практичната вредност на источните учења е насочена кон личната надградба и кон способноста да се живее во хармонија со себе и со светот.

Во книгата „Мудрост што исцелува“ предочивме методи за справување со емоционалните болки и страдања и за пронаоѓање на внатрешниот мир. Целта беше да одговориме на прашањата: Зошто страдаме? Како нашите мисли и емоции го создаваат или засилуваат страдањето? Како да го преобразиме од извор на болка во можност за себеспознание? Како да најдеме мир без постојано да се бориме со животот? Како да ја исцелиме душата и да постигнеме внатрешна хармонија? Како да се извлечеме од кризата? Како да се справиме со стравот од смрт и од напуштање?

Никој од нас не знае кога ќе му заврши животот. Секој ден може да ни биде последен. Никој не може да биде сигурен дека ќе се разбуди и ќе ги отвори очите следното утро. Сепак, не е важно уште колку години ќе живееме, туку што ќе направиме со времето што ни преостанува.

Секој сака да биде среќен и реализиран во животот. Во будизмот, среќата не е надворешна цел, туку способност да се биде присутен во мигот на сегашноста. Овој пристап го ослободува човекот од врзувањето на среќата за идните настани и го насочува вниманието кон сè што може да постигне тука и сега. Впрочем, копнежот, зависноста и приврзаноста за нештата се едни од најголемите непријатели на мирот и на хармонијата. Клучот е да веруваме во процесот, да живееме во моментот и да знаеме дека тоа што е наше ќе си дојде.

Древната источна филозофија нè учи дека кризата не е непријател, туку составен и неизбежен дел од животот. Иако честопати е непријатна и полна со предизвици, таа ни овозможува духовно да растеме и да се себеосознаваме.

Источните животни мудрости нудат повеќе практични алатки за справување со емоционалните болки и страдања.

  1. Прифаќање на минливоста на животот

Во будистичката филозофија постои учење наречено аника, што значи непостојаност, минливост. Бидејќи сите нешта (без разлика дали се физички или ментални) се непостојани и подлежат на промена, приврзаноста кон нив неизбежно води кон разочарување и страдање.

Сè во животот е привремено – ситуациите се менуваат, чувствата доаѓаат и си одат, ништо не трае вечно. Сè е минливо. Радоста, болката, достигнувањето, тешкотиите – сè е променливо. Иако ова може да звучи застрашувачки, всушност, е ослободувачко. Токму минливоста му дава длабочина на животот и го прави секој момент особено вреден. Затоа треба да научиме да не се врзуваме за нештата и да разбереме дека сè е подложно на процесот на минливост и менливост.

  1. Фокусирајте се на сегашниот момент

Мигот на сегашноста е единственото нешто врз кое може да влијаеме. Наместо постојано да се грижиме за иднината, потребно е да се фокусираме на она што е во нас и пред нас. Не се оптоварувај со тоа што поминало, туку гледај што можеш да направиш во мигот на сегашноста. Од односот кон сегашноста зависи каква ќе ти биде иднината. Моќта на позитивната фокусираност е практика на целосно присуство и ангажирање во сегашноста. Самите одлучуваме дали ќе жалиме по минатото, дали ќе се окупираме со иднината или ќе уживаме во мигот на сегашноста.

  1. Ослободување од приврзаноста

Во хиндуистичката и во будистичката филозофија постои концепт наречен одвоеност (ваирагја на санскрит). Тоа е практика на ослободување од приврзаноста кон материјалното, копнежот и егото за да се постигнат внатрешен мир, ментална јасност и духовно ослободување. Како што кажал филозофот Имануел Кант: „Не нè збогатува она што го поседуваме, туку она без кое можеме да живееме“.

Концептот ваирагја сугерира дека поголемиот дел од нашите страдања произлегуваат од приврзаноста, без разлика дали станува збор за материјални работи, врски или за идеи за тоа како „треба“ да биде животот. Колку поцврсто се држиме за нештата толку е поболно кога ќе го загубиме она што го сакаме. Ова не значи дека треба да престанеме да сакаме или да се откажеме од она што ни е важно. Тука станува збор за прифаќање на животот (со сите негови вредности и слабости), без опсесивно да се врзуваме за одредени исходи. Емоционалното одврзување од лицата што дисхармонично влијаат врз нашата личност е знак на духовна зрелост и на стабилност на карактерот.

  1. Негување на внатрешниот мир

Нема ништо поважно од постигнувањето внатрешен мир. Тоа воопшто не е лесна задача, но со практикување медитација, со самосвест, со препуштање на тишината, со длабоко дишење, со престој во природа и со смирување на умот може да се опуштиме и да допреме до суштината на нашата личност. Источната филозофија покажува дека алчноста, егото и самобендисаноста се извор на страдање. Откажувањето од егото не е губење на себеси, туку пат што води кон внатрешна хармонија.

  1. Прифаќање на самите себе

Клучен принцип на источната филозофија е практиката на прифаќање на самите себе. Не станува збор за помирување со негативна ситуација и со прифаќање на пораз. Наместо тоа, станува збор за разбирање дека животот е збирка искуства – некои пријатни, некои не толку многу. Будизмот учи дека страдањето се раѓа од приврзаноста. Луѓето се држат за работи, врски, очекувања, грешки – и страдаат. Себеприфаќањето и прифаќањето на сопствените грешки и заблуди е патот што води кон мир и хармонија. Треба да практикуваме самосочувство и да се прифатиме какви што сме. Ако се прекоруваме себеси за нашите грешки, недостатоци и неуспеси, тогаш нема да постигнеме внатрешен мир и среќа. Болката е неизбежна, но страдањето е избор. Источната филозофија нè учи да ја прифатиме болката, да ја живееме, а не да се бориме против неа. Нема да ја елиминираме целосно болката, но ќе обезбедиме отпорност и олеснување. Наместо да бегате, прифатете ја и почувствувајте како постепено го напушта вашето битие.

  1. Разбирање на дармата

Дармата, сложен и повеќеслоен концепт на индиската филозофија, често се преведува како должност, етика или праведен пат. Таа означува дека секој од нас има единствена цел во животот, а постигнувањето среќа вклучува препознавање и исполнување на таа цел.

Во „Бхагават Гита“, еден од најважните текстови во индиската филозофија, постои длабок стих: „Подобро да се живее сопствената судбина несовршено отколку да се имитира туѓиот живот со совршена посветеност“. Разбирањето на нашата дарма не е за слепо следење на туѓите норми или очекувања, туку за откривање на нашиот уникатен пат и на смислата на нашето постоење.

  1. Фокусираност

Во различни источни култури, а особено во будистичките традиции, негувањето на фокусираноста е клучен фактор на духовниот развој. Фокусирањето на внатрешниот аспект на нашето битие е значајна практика што сè повеќе се занемарува во западните општества. Источната метафора за мајмунски (деконцентриран) ум опишува ум што постојано скока од мисла на мисла. Лесно се расејува, се вознемирува и претерано анализира. Ова создава внатрешна напнатост и психофизичка истоштеност. Практиката на фокусираност, која доаѓа од будизмот и од таоизмот, нуди алатка: да се биде присутен во моментот. Одвојувањето време за самите себе е исклучително важен чекор што води кон будење на личните потенцијали и кон препознавање на сопствените вредности. Читањето едукативни книги нè води кон спокој на душата, бидејќи го опушта нашиот дух и го зголемува нашето знаење.

(Авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ