Подводната пештера Врело го испиша најзначајното поглавје во својата истражувачка историја. Во текот на спелеонуркачката експедиција што се одржа од 10 до 17 октомври 2026 година, меѓународен тим од петнаесетина нуркачи од Полска, Италија и од Македонија стигна до длабочина од 338 метри, со што, според информациите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, пештерата се најде на првото место на светската листа на најдлабоки подводни пештери истражени од човек. Постигнати се повеќе светски рекорди, меѓу кои најдлабоко истражена подводна пештера и најдлабоко нуркање во пештера, како и рекорд во категоријата длабинско нуркање во отворени води.
Од спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информираат дека во текот на експедицијата, освен истражувањето за длабочината на пештерата, нуркачките тимови од Полска и од Македонија откриле уште два нови неоткриени канали, кои ги видоизмениле мапата на пештерата и вкупната должина на пештерата.
– Во спелеологијата, должината на пештерата се пресметува вклучувајќи ги сите канали. Освен должината поради испитаната нова длабочина од 51 метар (338 метри-287метри), дополнително вкупната должина на новите канали што ги истражи оваа експедиција е повеќе од 100 метри, односно вкупно нови 150 метри истражена пештера. Во спелонуркањето овие нови канали се од исклучителна важност, поради комплексноста на целокупниот подводен пештерски систем. Првиот новоистражен канал, кој се наоѓа на 300 метри од влезот на пештерата, е на длабочина од 33 метри, со приближна должина од 100 метри, завршува на 10 метри и се спојува со последниот крак, кој е истражен во 2000 година. Вториот канал е на длабочина од 170 метри, со должина од 30 метри и на 185 метри се спојува со главниот канал, кој досега беше единствениот истражен длабински канал – објаснуваат од спелеонуркачкиот клуб „Врело“.
Инаку, за потребите на експедицијата и првпат од македонскиот тим, на 130 метри од влезот на пештерата била конструирана воздушна комора (хабитат), која била внесена, обезбедена на локацијата и поставена на длабочина од осум до девет метри.
– Оваа воздушна комора првпат е направена самостојно од македонските нуркачи на „Врело“, поставена е на локацијата, обезбедена и на крајот означена со македонското знаме. Воздушната комора се поставува за користење на нуркачите во текот на долгите декомпресиски периоди. Исто така, беа поставени повеќе од 30 боци со различни „миксови“ на гасови, на десетина локации и длабочини во пештерата, потребни за безбедно завршување на декомпресијата. Освен боците, на одредени локации во пештерата имаше и резервни батерии за греење и за осветлување – наведуваат од СНК „Врело“.
Оттаму додаваат дека финалното нуркање со кое се постигнал рекордот во пештерата, кое траело девет часа, било внимателно планирано, организирано и следено од 12-мина нуркачи што биле распределени во различни временски периоди, на различни локации и длабочини, како безбедносни нуркачи, следејќи го безбедното излегување на Бартиломеј Питала.
Тимот на нуркачите со тимовите за прва помош бил координиран со површинска поддршка.
– Во текот на овие девет часа, имаше хипербарична комора со специјализирани лица за третирање на декомприсиската болест и таму беа хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи, нуркачките тимови на САЕ „Тигар“ со брзи чамци и специјализирани возила за транспорт, како и возило на Службата за итна медицинска помош – велат од спелеонуркачкиот клуб.
Дека зад рекордната бројка од 338 метри не стои само еден подвиг, доказ се и објавите во весникот ВЕЧЕР, кој ги следи и информираше за сите подвизи за истражувањето и за заштитата на подводната пештера Врело уште од самите почетоци во 1995 година, кога мешовита експедиција од домашни и од странски спелеолози и спелеонуркачи ги постави темелите на систематското проучување на овој локалитет. Во откривањето на подводните мистерии на Матка, голем придонес има формирањето на спелеонуркачкиот клуб „Врело“ во 2009 година, под чие раководство е преземена активна улога во организацијата на истражувањата и на создавањето услови за истражување со активно вклучување на меѓународна експедиција со врвни светски имиња во спелеонуркачката фела. Со секоја нова експедиција, истражувачите излегуваа импресионирани и од условите во нејзината внатрешност – исклучително чистата вода, пространите галерии и разновидните карстни форми. На спелеонуркачката мапа, Врело веќе не е запишано како спелеолошки предизвик туку како место што ветува значајни откритија на меѓународно ниво.
Светскиот рекорд на Врело е причина за гордост, но и обврска ова природно богатство да се истражува и заштитува со соодветна научна и институционална поддршка. Заслужува континуирано проучување, следење на состојбата на водата и заштита на чувствителниот пештерски систем. Бидејќи 338 метри не се само мерка за човечката издржливост и истражувачката храброст туку и потсетник дека под Матка сè уште постои свет чии тајни не се целосно откриени. Неговата меѓународна афирмација може да придонесе и за развојот на истражувачкиот и на одржливиот туризам.
Сиљановска-Давкова: Светскиот рекорд можност за афирмација на македонското културно наследство како исклучително
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со учесниците во меѓународната експедиција „Врело 2026“ и со членовите на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, кои ја информираа за текот на експедицијата и за историскиот успех со кој пештерата Врело во кањонот Матка, со истражена длабочина од 338 метри, стана најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек.
За претседателката, светскиот рекорд не е само признание за знаењето, храброста и за истрајноста на спелеонуркачите туку и реална можност за меѓународна афирмација на македонското културно наследство како исклучително. Спелеонуркачите ја запознаа претседателката со предизвиците со кои се соочиле во текот на нуркачкиот подвиг, необичните сознанија за подводниот свет на Врело, како кристално чистата вода и умерената температура од петнаесетина степени, новооткриените два канали и над 150 метри нови големи ходници.
Според учесниците во уникатниот подвиг, Врело е раскошен и мистериозен природен феномен со волшебна привлечност, една од досега најинтересните подводни пештери за нив. Тие ѝ изразија благодарност за прифатеното генерално покровителство, истакнувајќи ја неговата важност за успешната реализација на експедицијата. Претседателката Сиљановска-Давкова им посака успех во идните подвизи и изрази убедување дека нивниот успех е инспиративен за многу други спелеонуркачи. (А. П.)












