Поранешната претседателка на ДКСК и кандидатка за градоначалник на Општина Центар, Билјана Ивановска, реагираше околу контроверзниот нацрт на Деталниот урбанистички план за месноста Барутана на Водно. Притоа смета дека ДУП Барутана е обратен и штетен за сите граѓани и е неприфатлив.

Во својата објава на социјалните мрежи, таа го потсетува градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, дека при планирањето на просторот, треба да се има предвид историјата на Водно и причините поради кои планината била пошумувана.

– Добро би било градоначалникот да ја научи историјата на градот, особено за периодот кога се иселувале селата Долно и Горно Водно и се пошумувало брдото за да не го поплавува градот – напиша Ивановска.

Инаку, до денеска е крајниот рок за јавната анкета на која центарци можат да ги дадат своите забелешки и мислења околу контроверзниот и оспорен нацрт-план за Деталниот урбанистички план (ДУП) за месноста Барутана на Водно.

Оваа тема се вжешти во јавноста откако советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Општина Центар, на 14 јули 2026 година, заеднички го изгласаа планот за Барутана, иако планот немал добиено мислење од Дирекцијата за заштита и спасување во однос на опасноста. Против гласаа советниците на „Шанса за Центар“, Левица, ЗНАМ, како и по еден советник од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, центарци потпишуваат петиција со која се бара да се повлече планот за Барутана и Општина Центар да го преработи, со цел да се стопираат предвидените нови градби кои би ги уништиле пошумените предели и би ги пресекле децениските планинарски патеки.

– Со овој план ќе се создадат услови да има стотина нови возила за кои нема да има паркинг. Со овој план се создаваат услови за идна несреќа во вид на лизгање на земјиштето, ерозија или поројна поплава. За овој план, мислење нема дадено Дирекцијата за заштита и спасување. За овој план нема студија ниту мерки како да се спречи ерозија или лизгање на земјиштето како што тоа се случува подолу низ населбите – се наведува во петицијата.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ