Петнаесетгодишно момче беше спасено откако со денови седеше врз превртен брод во ледените води на Беринговото Море, во близина на Алјаска.
Момчето, кое членовите на семејството го идентификуваа како Дерек Паркер Агнанга, било единствениот преживеан од чамецот, бидејќи неговиот постар брат и братучед загинале во несреќата, пренесува Би-би-си.
Тие тројца тргнале од островот Сент Лоренс на Алјаска во петокот, 4 септември, а требало да се вратат попладнето следната недела, соопшти Американската крајбрежна стража. Сепак, откако рибарскиот чамец долг 5,5 метри не се вратил, била покрената операција за пребарување.
Следниот ден наутро, Крајбрежната стража на САД започнала операција за пребарување со користење авиони и хеликоптери. Момчето на крајот било пронајдено од екипажот на рибарскиот брод „Нортвест експлорер“ (Northwest Explorer) додека сè уште се наоѓало на превртениот брод. Надлежните органи не ги соопштија имињата на тројцата млади луѓе.
Еден од воздухопловните тимови во понеделникот го забележа преживеаното дете, кој се држеше за трупот на превртен брод. Тие спуштија сплав за спасување и залихи до него, а потоа стапија во контакт со рибарскиот брод „Northwest Explorer“, кој се наоѓаше во близина. На снимката од спасувањето се гледа како екипажот му фрла јаже на дечкото и го влече неговиот брод поблиску, сè додека не успеат да го качат на безбедно.
„Тој се држел за тој брод речиси три дена. Неверојатно издржливо момче е“, изјави Адам Вајт, капетанот на рибарскиот брод, за локалната телевизија KTUU. Според извештајот на Крајбрежната стража, детето покажувало знаци на хипотермија откако бил качен на бродот, а екипажот го затоплил со ќебиња и шишиња со топла вода.
„Иако трепереше од студ, успеа да каже дека неговиот брат сè уште е под бродот“, раскажа Вајт. „Ноќта пред да пристигнеме, неговиот братучед едноставно се лизнал во морето“, додаде Вајт. Откако детето беше спасено, беа извлечени телата на неговиот брат и братучед.












