вторник, јуни 30, 2026
Дома МАГАЗИН Италија гори: Пет лица починаа од топлотен удар во изминатите 24 часа...

Италија гори: Пет лица починаа од топлотен удар во изминатите 24 часа – СЗО бара засилување на превентивните мерки низ целиот европски континент

111

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, ги повика властите низ целиот континент да ги засилат превентивните мерки поради топлотниот бран.

Како што пишува агенцијата „АНСА“, Клуге предупреди дека сегашните топлотни бранови во Европа се еден вид „генерална проба“ за идните екстремни временски услови.

„Низ Европа, одделенијата за итни случаи во моментов се полнат со пациенти, додека службите за итна медицинска помош бележат рекорден број интервенции. Италија регистрираше пет смртни случаи поврзани со топлината во последните 24 часа“, рече Клуге.

Тој ги повика европските власти дополнително да ги подобрат превентивните мерки за ублажување на здравствените ефекти од високите температури.

СЗО претходно соопшти дека повеќе од 1.300 луѓе починале во топлотниот бран што ја погоди Европа од 21 јуни.

„Повеќе од 1.300 дополнителни смртни случаи се регистрирани од 21 јуни во врска со високите температури во Европа. Топлинскиот стрес често се нарекува „тивок убиец“, а домовите, работните места и училиштата во Европа не се изградени за овие температури“, изјави претходно на платформата „Икс“ генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

Според него, поради климатските промени и глобалното затоплување, феноменот на топлотни бранови што се случуваше „еднаш во генерација“ сега се случува речиси секоја година.

„Европа е континентот што најбрзо се затоплува на Земјата, затоплувајќи се двојно побрзо од глобалниот просек. Во моментов, 150 милиони луѓе живеат во екстремна топлина, стотици починаа, училиштата се затворени, мрежите се прекинати“, истакна претходно шефот на СЗО, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ