вторник, септември 22, 2026
Дома СВЕТ САД депортирале повеќе од 25.000 луѓе во земји со кои немаат никаква...

САД депортирале повеќе од 25.000 луѓе во земји со кои немаат никаква врска

0
EPA/SAMUEL CORUM / POOL

Голема меѓународна истрага ги откри размерите на американската политика за депортирање мигранти во таканаречени трети земји. Од почетокот на 2025 година, најмалку 25.447 луѓе се префрлени во држави чии државјани не се, додека одделни поединци претходно добиле правна заштита во САД поради опасноста што би им се заканувала во нивната татковина.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп од почетокот на 2025 година депортирала најмалку 25.447 мигранти во трети земји, односно држави со кои тие луѓе немаат државјанство, ниту нужно каква било претходна поврзаност, покажува меѓународната новинарска истрага „Проект за депортација“ (The Deportation Project).

Податоците, кои ги собра конзорциум на меѓународни медиуми предводен од организацијата „Forbidden Stories“, се однесуваат на периодот заклучно со 31 август 2026 година. Околу 20.000 луѓе биле испратени во Мексико, додека останатите биле префрлени во уште 27 држави ширум Латинска Америка, Африка и Пацификот.

Посебен дел од истрагата се однесува на луѓе на кои американскиот имиграциски систем претходно им пружил заштита од депортација во земјите на потекло.

„Гардијан“ го наведува случајот на една Иранка која ја нарече со псевдонимот Ника. Таа, по повеќе од една година помината во имиграциски притвор, добила заштита која ѝ оневозможувала депортација во Иран поради страв од сериозна штета, а потоа била ослободена. Меѓутоа, по повторното апсење била депортирана во Централноафриканската Република, земја со која немала никаква претходна поврзаност.

„Никогаш не ми кажаа дека ќе ме депортираат во оваа земја. Не знам ништо за Африка“, изјавила Ника за „Гардијан“.

Истрагата наведува и други случаи во кои луѓе биле префрлени во далечни држави иако имале правна заштита од враќање во своите матични земји. „Вашингтон пост“, во рамките на истиот проект, разговарал со 35 луѓе депортирани во трети земји и со десетици сегашни и поранешни американски официјални лица, адвокати и претставници на други држави.

САД склучиле договори со 35 држави

Според наодите од истрагата, администрацијата од почетокот на мандатот на Трамп склучила аранжмани со 35 држави кои се согласуваат да примат депортирани лица кои не се нивни државјани.

„Вашингтон пост“, анализирајќи интерни документи на Стејт департментот, утврдил дека администрацијата до крајот на јуни одобрила или ветила најмалку 410 милиони долари за реализација на таквите договори со 31 држава. Во поширокиот опсег на истрагата се наведуваат 35 држави со кои се постигнати различни форми на договори.

Документите покажуваат дека условите се разликуваат од држава до држава – од бројот на луѓе кои ги прифаќаат, до нивното државјанство и евентуалните кривични пресуди. „Гардијан“ наведува дека многу земји одбиле да прифатат лица со сериозни насилни кривични досиеја.

Новите откритија доаѓаат само неколку дена по важната одлука на американскиот федерален апелационен суд.

Првиот апелационен суд на САД во Бостон на 18 септември едногласно заклучил дека политиката на Министерството за татковинска безбедност која овозможува брзо испраќање на мигранти во трети земји го крши правото на правична постапка.

Судот утврдил дека на луѓето мора да им се овозможи доволно време и реална можност да ја оспорат депортацијата во конкретна трета земја, посебно ако тврдат дека таму би можеле да бидат изложени на прогон или тортура.

Според документите кои биле предмет на спорот, во одделни случаи на луѓето им се заканувала депортација со најава од само неколку часа пред тоа.

Администрацијата тврдеше дека третите земји се дел од законскиот механизам за отстранување на луѓето кои немаат право да останат во САД, посебно кога нивните матични држави не го прифаќаат нивното враќање.

Вашингтон ја брани својата политика

Американската администрација наведува дека користи законски механизми за да ги отстрани лицата кои немаат право да останат во земјата и порачува дека за тоа ќе ги користи „сите законски средства“.

Истовремено, судската одлука и наодите од меѓународната истрага го отворија прашањето за законитоста на постапките во кои мигрантите се депортираат во трети земји без доволно време за правен приговор.

Истрагата во текот на шест месеци ја спроведувале 72 новинари од 26 медиумски организации во 15 земји, со повеќе од 100 интервјуа со депортирани лица, официјални лица, адвокати и експерти.

ИЗДВОЕНИ