Иран развил ново оружје со, како што тврдат тамошните претставници, изненадувачки можности, кое би можело да биде употребено во случај на нов воен судир. Ова го соопшти Сејед Зијаедин Агаџанпур, раководител на Организацијата за идеолошки и политички прашања при иранското Министерство за одбрана, испраќајќи директна порака до американскиот претседател Доналд Трамп.
Агаџанпур нагласи дека Иран нема намера да попушти пред притисоците од Вашингтон, ниту да прифати каква било форма на принуда од САД.
-Никогаш нема да им се покориме на вашите обиди за заплашување, порача иранскиот претставник.
Тој оцени дека главната цел на американската администрација е иранскиот народ да биде принуден да ги прифати барањата на Вашингтон и да капитулира. Сепак, според него, Техеран нема да отстапи од своите позиции, ниту ќе ги прифати, како што ги нарече, нелегитимните барања на противниците.
Агаџанпур посочи дека единствениот начин Иран да се спротивстави на потенцијалната агресија е дополнително зајакнување на воените капацитети. Тој тврди дека Исламската Република денес располага со моќни вооружени сили, кои се на врвот на своите способности.
Особено остра беше неговата порака во врска со можната ескалација на конфликтот. Иран претходно предупреди дека секој нов напад врз неговата територија би можел да предизвика одмазднички удари врз Израел, но и врз американските интереси низ Блискиот Исток.
Иранскиот претставник тврди дека Техеран не само што е подготвен да ги спроведе овие закани, туку располага и со потребните воени капацитети.
Дополнително, Агаџанпур откри дека иранските ракети имаат дострел што овозможува погодување цели и надвор од Блискиот Исток, нагласувајќи дека земјата нема да се двоуми да ја искористи таа можност доколку ситуацијата го наложи тоа.












