Авион „Боинг 737“ на иранскиот превозник „Caspian Airlines“ е запленет на аеродромот во Истанбул поради судски спор за долг од приближно три милиони евра, токму во моментот кога патниците се качиле на летот за Иран, пренесува денес „Еуроњуз“.
Адвокати и извршители кои го застапуваат доверителот – фирмата за воздухопловно застапување и надзор „ACM Temsil Gozetim“ – вчера се качија во авионот додека тој се подготвуваше за полетување и врачија налог за заплена; патниците и екипажот беа симнати од авионот и вратени во терминалот.
„Каспијан ерлајнс“ (Caspian Airlines) е авиокомпанија со седиште во Техеран, основана во 1993 година, која работи како дел од иранска државна воздухопловна групација.
Иранските превозници се соочуваат со хронични тешкотии во одржувањето на своите флоти и во исполнувањето на финансиските обврски кон странските партнери поради повеќедецениските американски санкции, кои го ограничуваат пристапот до авиони, резервни делови, услуги за одржување и меѓународни финансиски системи.
Запленувањето… …се случи неколку дена откако на 23 септември стапија на сила сеопфатните американски секундарни санкции против иранскиот воздухопловен сектор.
На 8 септември, Министерството за финансии на САД воведе санкции за 27 ирански авиокомпании и девет поврзани даватели на услуги како дел од операцијата „Економски парија“ (Economic Pariah), предупредувајќи дека странските аеродроми, добавувачите на гориво, службите за опслужување на земја и компаниите за продажба на билети кои би продолжиле да им пружаат услуги на иранските превозници, и самите ќе се соочат со санкции и со ризик да бидат исклучени од системот на американскиот долар.
Секундарните санкции предизвикаа брзо намалување на присуството на иранската авијација на меѓународно ниво, при што летовите на иранските превозници беа суспендирани во Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Азербејџан и Оман. Најголемата приватна авиокомпанија во Иран, „Махан ер“ (Mahan Air), ги прекина летовите кон Турција и Оман, додека „Луфтханза“ (Lufthansa) и „Остријан ерлајнс“ (Austrian Airlines) ги суспендираа летовите кон Иран до 24 октомври.
Кина, Русија и Пакистан продолжија да одржуваат летови кон и од Иран.
Според податоците за следење на летовите, бројот на дневни меѓународни летови на главниот аеродром во Техеран до понеделникот опаднал на околу 41 лет дневно.
Техеран поднесе официјални поплаки до Обединетите нации, Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и Меѓународниот суд на правдата во врска со воведувањето економски санкции.
Турција не воведе официјални забрани… за иранските авиопревозници, поради што „Каспијан ерлајнс“ (Caspian Airlines) продолжи да лета на линијата кон Истанбул и во моментот кога авионот беше запленет, пренесува „Танјуг“.












