Бугарка која учествувала во најголемата измама со социјална помош во историјата на Обединетото Кралство вратила само 18.000 фунти.
Цветка Тодорова (54) поднела илјадници лажни барања како дел од група измамници која ги оштетила даночните обврзници за дури 54 милиони фунти. Таа самата од измамата заработила вкупно 263.514 фунти и во мај 2024 година беше осудена на три години затвор.
Измамничката беше ослободена кон крајот на 2025 година, а на рочиштето за конфискација на имотот во јануари ѝ беше наложено да врати 101.201,78 фунти. Сепак, Тодорова досега исплатила само 18.228,14 фунти, што е помалку од една петтина од износот што го должи.
Таа го пропушти јулскиот рок за враќање на парите, а на преостанатиот долг сега се пресметува камата. На прашањето зошто не ги вратила парите, Тодорова се пожали дека е болна и одби да даде коментар, објави Дејли Меил.
„Не сакам да зборувам за ова“, му рекла таа на новинарот низ прозорецот од катот на својата куќа. Со мојата здравствена состојба, ова е веќе премногу. Никој не може да доаѓа дома за да ме вознемирува за било што. Во Обединетото Кралство има многу вакви случаи, мојот трае веќе пет години и луѓето ме вознемируваат“.
Продолжила да прима помош и од затвор
Тодорова успеала да продолжи да прима социјална помош и откако била ослободена од затвор. Таа поднела барање за Universal Credit заедно со својот сопруг, за кого вели дека прима 1.300 фунти месечно. Министерството за труд и пензии (DWP) започна ревизија и подоцна објави дека таа ќе мора да ја врати социјалната помош што ја примила по излегувањето од затвор.
Во претходно интервју од нејзиниот дом во Ерит, југоисточен Лондон, Тодорова се фалела со својот животен стил финансиран од даночните обврзници.
„Ми се допаѓа тука, добро ми е и ова ми помогна. Од 30 декември повторно примам социјална помош. Тоа ќе биде околу 200 фунти месечно. Немам право да работам. Мојот маж добива повеќе од 1.000 фунти месечно преку Universal Credit“.
Имотот во странство надвор од дометот на органите
Во посебно фалење, Тодорова инсистираше дека британските власти тешко ќе можат да го запленат нејзиниот имот бидејќи најголемиот дел се наоѓа во странство.
„Станот во Лондон ни е под закуп. Имаме куќа со две спални соби во Бугарија, која обвинителството ја процени на 90.000 фунти, но не можат да ја допрат. Ние сме во брак и куќата е на име на двајцата. Мојот сопруг нема никаква врска со случајот“.
Меѓутоа, таа сега тврди дека е „депресивна“ и дека страда од „висок крвен притисок поради овој случай“.
Како функционирала петгодишната измама
Тодорова и уште четворица Бугари: Галина Николова (40), Стојан Стојанов (29), Ѓунеш Али (36) и Патриција Панева (28) користеле лажни идентитети за поднесување лажни барања за социјална помош во периодот помеѓу октомври 2016 и 2021 година. Од јануари оваа година, сите освен Али се ослободени од затвор и се наоѓаа на имиграциска кауција во исчекување депортација.
Бандата украла 6.000 идентитети за да поднесува барања за Universal Credit, па дури користела и имиња на деца кои живеат во Бугарија како дел од петгодишната измама. Тие основале три „фабрики за социјална помош“ ширум Лондон, бланко изработувајќи лажни договори за закуп, фалсификувани платни ливчиња и фалсификувани писма од станоиздавачи, работодавачи и матични лекари со цел да го измамат Министерството за труд и пензии (DWP).
Разоткривање и враќање на парите
Групата била откриена дури откако бугарски полицаец ги предупредил британските власти за тренд во кој криминалци во градот Сливен ненадејно доаѓаат до големи суми во готовина.
Властите сега наводно повратиле околу еден милион фунти од бандата и бараат дополнителен милион фунти, што сè уште е само дел од 54-те милиони фунти што ги украле пред да ги потрошат на луксузни автомобили, дизајнерска облека и скапоцени часовници.
Обвинителот Герет Мандеј на рочиштето изјави дека побараните суми се онолку колку што властите можеле „реално да ги следат“, а една членка на бандата признала дека префрлала „готовина во странство“, пишува британски Дејли Меил.












