Иранската репрезентација уште еднаш покажа дека Светското првенство не е само фудбал. По ремито без голови против Белгија во Лос Анџелес, вниманието не го привлече само резултатот, туку и пораката што Иранците ја оставија во соблекувалната.
Со освоениот бод, Иран остана во игра за пласман во нокаут-фазата и во последното коло против Египет ќе бара победа што би можела да испише историја.
Патот на Иран на овој Мундијал е далеку потежок од оној на повеќето репрезентации. Поради административни ограничувања, тимот нема постојана база во САД и пред секој натпревар патува од Мексико, а веднаш по мечевите ја напушта американската територија. Дополнително, дел од членовите на стручниот штаб и администрацијата не добија визи за влез во земјата.
И покрај сите пречки, Иран освои два бода во првите две кола и остана во трката за место меѓу најдобрите 32 селекции на турнирот.
По натпреварот со Белгија, во соблекувалната беше оставена порака која брзо се прошири на социјалните мрежи.
- Од древна Персија пред илјадници години до денешниот цивилизиран Иран, иранскиот дух останува жив и нескршлив. Дојдовме во Лос Анџелес со гордост, се натпреварувавме чесно и си заминуваме со достоинство. Ти благодариме, Лос Анџелес, за гостопримството. И благодарност до секој Иранец кој стоеше со Иран со срце, глас и душа во текот на овие 180 минути. Нека преовладуваат мирот, почитта и пријателството меѓу сите народи, гласеше во пораката.

На крајот од пораката стоеја и хаштаговите #168 и #minab, кои предизвикаа бројни реакции и дополнително го засилија интересот на јавноста.
Сега фокусот повторно се враќа на теренот. Пред Иран е пресметката со Египет, натпревар кој може да одлучи дали оваа репрезентација ќе направи историски исчекор и ќе обезбеди место во нокаут-фазата на Светското првенство.











