Иран начелно се согласи да се ослободи од својот високо збогатен ураниум во преговорите со САД, а врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, наводно одобрил нацрт-договор, изјави функционер во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека договорот нема да биде потпишан овој викенд бидејќи сè уште има контроверзни детали, објави денес новинарот на „Аксиос“, Барак Равид, на мрежата „Икс“.
Според изворот, иако Моџтаба Хамнеи го одобрил нацртот, останува отворено прашање дали тој ќе се претвори во конечен договор.
Неименуван функционер, исто така, потврди за CBS News дека иранскиот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи го одобрил нацртот.
„Некои зборови се важни за нас, некои за нив“
Функционерот изјави дека сè уште има „размена на мислења“ за одредени делови од договорот, како и несогласувања околу формулацијата, оценувајќи дека „некои зборови се важни за нас, а некои за нив“.
Според него, иранскиот систем за донесување одлуки функционира бавно во својата сегашна конфигурација, поради што ќе бидат потребни неколку дена за да се спроведат сите потребни внатрешни процедури и одобренија.
Порано денес, Axios објави, повикувајќи се на неименуван американски функционер, дека САД и Иран се на еден чекор од потпишување договор што вклучува 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, отворање на Ормутскиот теснец и можност Иран повторно слободно да продава нафта.
Исто така, планирано е, како што е наведено, да се започнат сеопфатни преговори за ограничување на нуклеарната програма на Иран.
Ормутскиот теснец отворен без наплата на такси
Во текот на 60-дневниот период на прекин на огнот опфатен со Меморандумот за разбирање, Ормутскиот теснец ќе биде отворен без наплата на такси, а Иран ќе се согласи да ги отстрани мини поставени во водите на теснецот за да можат бродовите слободно да пловат.
Во замена за овие обврски на Иран, САД ќе ја укинат блокадата на иранските пристаништа и ќе спроведат одредени исклучоци од санкциите за да може Иран слободно да продава нафта.
Нацрт-договорот, исто така, вклучува обврска Иран никогаш да не се обидува да произведува нуклеарно оружје и да преговара за прекин на својата програма за збогатување ураниум и отстранување на своите залихи од високо збогатен ураниум, наведува американскиот портал.
Иран им дал на САД усни гаранции преку посредници за обемот на отстапки што е подготвен да ги направи во врска со прекинот на збогатувањето и трансферот на нуклеарен материјал, додава Аксиос.
Се наведува дека доколку Техеран е подготвен да ги исполни американските барања во врска со својата нуклеарна програма, постои можност за „ресетирање“ на односите меѓу двете земји и Иран да се обиде да го реализира својот целосен економски потенцијал.
Во меморандумот, исто така, се наведува дека на Израел ќе му биде дозволено да ја нападне либанската милитантна група Хезболах доколку групата започне или изврши напади врз еврејската држава.












