Балистичка муниција, за која беше утврдено дека е испукана од Иран и, откако го преминале воздушниот простор на Ирак и Сирија, била насочена кон турскиот воздушен простор, била навремено пресретната и неутрализирана од силите за воздушна и противракетна одбрана на НАТО распоредени во Источниот Медитеран, соопшти Министерството за национална одбрана на Турција.
„Утврдено е дека дел од муницијата што падна во округот Дортјол, во покраината Хатај, припаѓа на противракетната муниција на системот за воздушна одбрана што дејствуваше по уништувањето на споменатата закана во воздухот. Во настанот немаше смртни случаи или повредени. Нашата решителност и способност да ја обезбедиме безбедноста на нашата земја и нашите граѓани се на највисоко ниво. Иако Турција е на страната на регионалната стабилност и мир, таа е способна да ја заштити својата територија и своите граѓани без оглед на тоа од кого и од каде доаѓа заканата“, се вели во соопштението.
Исто така се наведува дека „сите чекори за одбрана на нашата територија и воздушен простор ќе бидат преземени решително и без двоумење. Ве потсетуваме дека го задржуваме правото да одговориме на секој непријателски чин насочен кон нашата земја“.
Турското Министерство за национална одбрана ги повикува сите страни да се воздржат од потези што би можеле да доведат до понатамошно проширување на конфликтот во регионот.
„Во оваа рамка, ќе продолжиме со консултациите со НАТО и другите сојузници“, се додава во соопштението.












