Додека инвеститорите бараат нови атрактивни локации за градба, граѓаните најмногу вложуваат во станови. Катастарските податоци покажуваат дека во првите три месеци од годинава се реализирани илјадници трансакции вредни стотици милиони евра. Истовремено, расте и бројот на хипотеки, што укажува на засилена активност на пазарот. Во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 28.013 листови за предбележење градба, што укажува дека голем број објекти се во фаза на изградба и во наредниот период ќе се појават на пазарот на недвижности.

 

Во периодот јануари – март 2026 година, во Регистарот на цени и закупнини при Агенцијата за катастар на недвижности се евидентирани вкупно 7.757 трансакции со недвижности, покажуваат податоците од кварталниот извештај. Од нив, 5.174 се купопродажби на недвижен имот, додека 2.583 се договори за закуп.

Најголем број трансакции се регистрирани во март, кога биле евидентирани 2.795 трансакции, додека најмал број имало во јануари – 2.246. Според структурата на купопродажбите, во првиот квартал од годинава се реализирани 4.311 редовни продажби, 741 продажба од инвеститор, 110 откупи од Република Македонија и 12 продажби на лицитација. Најмногу купопродажби се регистрирани кај земјиштето, каде што се евидентирани 1.787 трансакции со земјоделско и градежно земјиште. Следуваат становите со 1.579 купопродажби, куќите со 667 и гаражите со 631 трансакција. Кај деловните простори се регистрирани 219 купопродажби, додека во индустрискиот сектор се реализирани 19 трансакции.

Вкупната вредност на купопродажбите во првиот квартал достигнала над 287 милиони евра. Најголем удел имаат становите, со реализирана вредност од речиси 119 милиони евра. Следуваат деловните простори со повеќе од 50,7 милиони евра и куќите со над 45,5 милиони евра. Трансакциите со земјоделско земјиште и шуми достигнале вредност од 18,6 милиони евра, додека купопродажбата на градежно земјиште надминала 25 милиони евра. Март бил најактивниот месец и според бројот на купопродажби, со вкупно 1.865 трансакции, додека во јануари биле регистрирани 1.467 купопродажби.

Кога станува збор за закупот на недвижности, во првиот квартал се евидентирани 2.583 договори за закуп. Најголем број закупи имало кај деловните простори – 1.019, потоа кај становите – 729 и куќите – 309. Вкупната месечна вредност на регистрираните закупнини изнесува 1,14 милиони евра. Најголем дел од оваа сума отпаѓа на деловните простори, чија вкупна месечна закупнина достигнала 698.433 евра. За становите месечните закупнини изнесувале 208.761 евро, додека за куќите 79.364 евра. И кај закупите најактивен месец бил март, кога биле регистрирани 930 договори, додека најмал број биле евидентирани во јануари – 779.

Што се однесува до хипотеките, во првиот квартал запишани се 2.472 хипотеки (помалку 124 од лани) врз недвижности, со вкупна вредност од 246,4 милиони евра и 5,92 милијарди денари. По месеци, во јануари се регистрирани 619 хипотеки, во февруари 849, а во март 1.004 хипотеки, што укажува на континуиран раст на активноста во текот на првиот квартал.

Најголем дел од хипотеките се запишани во Центарот за катастар на недвижности Скопје, каде во првите три месеци од годинава се евидентирани 1.318 хипотеки со вкупна вредност од 125,7 милиони евра и 3,22 милијарди денари. Во останатите 29 подрачни одделенија на Катастарот се запишани 1.154 хипотеки.

Податоците од Регистарот на цени и закупнини покажуваат и намалување на продажбата на новоизградени станови. Во првите три месеци од годинава регистрирани се 712 новоизградени станови од инвеститор, што е за 292 станови или 29 проценти помалку во споредба со четвртиот квартал од минатата година.

Од друга страна, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 28.013 листови за предбележење градба, што укажува дека голем број објекти се во фаза на изградба и во наредниот период ќе се појават на пазарот на недвижности.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ