петок, јули 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓани и фирми чекаат поврат на преку 300 милиони денари

Граѓани и фирми чекаат поврат на преку 300 милиони денари

270

Наплатата на приходите од данокот на добивка останува стабилна, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП) по обработката на даночните биланси за 2025 година, за кои рокот за поднесување истече во март годинава. Според УЈП, вкупно 25.506 даночни обврзници поднеле образец „ДБ“ за оданочување на добивка, додека 50.465 обврзници доставиле образец „ДБ-ВП“ за оданочување на вкупен приход. Бројките бележат раст во споредба со претходната година.

– Најголемиот дел од даночните обврзници и натаму се микро и мали компании кои ги користат поволностите од поедноставениот даночен режим. Кај даночните биланси за оданочување на добивка, по исклучување на обврзниците кои согласно со законот користат даночни ослободувања, даночната основа и пресметаниот данок за 2025 година бележат пораст од 14 % во однос на 2024 година – информираат од УЈП.

По извршеното пребивање со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 5,8 милијарди денари. Воедно, за поврат на даночните обврзници се евидентирани 323 милиони денари, додека 4,534 милијарди денари повеќе платен данок ќе бидат искористени за подмирување на аконтациите во текот на 2026 година.

Од Управата посочуваат дека нето-даночниот ефект за 2025 година е за 33 % повисок во споредба со претходната година, што, според нив, првенствено се должи на повисоките добивки на компаниите и на намалениот износ на користени даночни олеснувања. Во сегментот на оданочување на вкупниот приход, компаниите со приход до 3 милиони денари остануваат целосно ослободени од данок, додека за оние со приход меѓу 3 и 6 милиони денари се применува стапка од 1 % од вкупниот приход.

Од вкупно поднесените 50.465 обрасци „ДБ-ВП“, данок пресметале 3.883 даночни обврзници, што претставува зголемување од 8,6 % во однос на 2024 година. Сепак, нето-даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок од ланските 53,5 милиони денари. Во УЈП оценуваат дека ваквиот даночен режим ја потврдува поддршката што системот ја обезбедува за микро и малите претпријатија преку ниско или целосно ослободено даночно оптоварување.

Од друга страна, кај трговците поединци, физичките лица што вршат земјоделска и занаетчиска дејност, како и лицата што обезбедуваат услуги и вршат слободни занимања, даночната основа и пресметаниот данок за 2025 година бележат пораст меѓу 2 и 3 проценти. По порамнувањето со аконтативно платениот данок, за доплата остануваат 147,7 милиони денари, додека 54,1 милион денари повеќе платен данок ќе бидат пренесени во годишните даночни пријави на граѓаните.

УЈП наведува дека нето-даночниот ефект во оваа категорија е понизок од претходната година, пред сè поради повисокиот износ на аконтативно платен данок во текот на 2025 година, како и порастот на користените даночни намалувања. Овие показатели произлегуваат од обработени 9.921 годишен даночен биланс „ДЛД-ДБ“, наспроти 9.705 биланси во 2024 година.

За 2025 година, 247 здруженија и фондации со годишни приходи до еден милион денари поднеле даночен биланс „ДБ-НП/ВП“ и пресметале данок од 1 % од остварениот приход од стопанска дејност.

– Иако бројот на обврзници е значително помал во споредба со 2024 година, кога ваков биланс поднеле 1.310 организации, пресметаниот данок достигнал 21,7 милиони денари, што е повеќе од минатогодишните 19,4 милиони денари – нагласуваат од УЈП.

 

ИЗДВОЕНИ