Нова трафостаница – „ТЦ Централа“, инвестиција од 22 милиони евра на компанијата „ЕВН Македонија“, е пуштена денеска во Скопје и со неа ќе се подобри стабилноста на електроенергетскиот систем. Премиерот Христијан Мицкоски очекува новиот објект да отвори перспектива за следните дваесетина години и да одговори на сите предизвици од енергетски аспект што ќе бидат потребни за развој на градот Скопје.
Тој очекува дека ќе има нови инвестиции во изградбата на енергетски капацитети.
– Да посакаме уште многу инвестиции во енергетиката кои ќе бидат додадена вредност и кои ќе овозможат поголема стабилност на системот, поголем капацитет за прифаќање нови производствени капацитети. Притоа, имајќи ги предвид потребите, кои ќе бидат сè поголеми и поголеми во годините што ќе следуваат, а ние, како земја, сакаме да бидеме енергетски хаб во регионот – изјави Мицкоски.
Вицепремиерот Александар Николоски потенцира дека овој проект е пример за заедничка посветеност на Владата и на приватниот сектор во реализацијата на крупни инвестиции и додаде дека Македонија во моментов е водечка земја во регионот во делот на енергетската транзиција.
– Инвестициите во енергетската мрежа носат стабилност за граѓаните и за компаниите, а на државата – економски напредок. Се надевам дека овој објект ќе значи стабилност за целокупното централно градско подрачје и за сите што гравитираат кон него – истакна Николоски.
Тој очекува Македонија да го покаже своето лидерско место во годините што се пред нас, во делот на енергетиката и на енергетската транзиција како главен двигател на развојот на државата.
Модернизацијата во енергетиката беше тема на разговорите на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со висока делегација на Светска банка, предводена од Сјаоцинг Ју, директорка на Канцеларијата на Светска банка за Македонија.
– Оваа средба е продолжение на досегашната соработка и координација за имплементација на клучните проекти во државата, меѓу кои акцентот е ставен на модернизацијата на системите за централно греење во Битола и во Скопје, како и за актуелните активности на Министерството на полето на енергетиката – информираа од Министерството.
Божиновска на средбата ги презентираше стратешките енергетски проекти во насока на забрзување на процесот на зелена транзиција и плановите за реализација на нови инвестиции во обновливи извори на енергија.
На средбата беше потенцирано значењето на енергетската ефикасност, за што министерката Божиновска информираше дека се работи на реализација на енергетска ефикасност на јавните згради, план со кој се очекува да бидат опфатени вкупно 33 институции. Со тоа, како што истакна министерката, директно ќе се придонесе за почист воздух и енергетска одржливост, но истовремено ќе се остварат и придобивки за граѓаните, но и ќе се влијае врз економскиот развој на државата.
Посебен дел на средбата беше посветен на регионалното енергетско поврзување на државата, при што беа поздравени напорите на Министерството за создавање стабилен, модерен и одржлив енергетски систем.












