Високите цени на нафтата и на гасот вршат притисок и врз цените на пекарските производи. И покрај зголемените трошоци за нафта, гас, брашно, масло за готвење, јајца, цените сè уште се држат на исто ниво за да го заштитат стандардот на граѓаните. Компаниите од оваа индустрија велат дека засега ги трошат резервите што се набавени по стара цена, но ако потрае војната и ако продолжи да се качува нафтата, неминовно ќе има е Некои компании кои немаат залихи на суровини по стара цена веќе ги покачија цените. Потрошувачите веќе прашуваат дали се поскапени пекарските производи со оглед на тоа што инфлацијата удри по сите индустрии.
Од една скопска пекарница велат цените засега не се покачени, но очекуваат да има поскапување на лебот и на пекарските производи, бидејќи нафтата е составен дел на целото производство и од дистрибуцијата.
– Сега-засега, цените на пекарските производи не се покачени, но ако дополнително се зголемат цените на потребните продукти, ќе мора и ние да ги качиме цените. И покрај тоа што има зголемување на цената на гасот, брашното, јајцата, ние сè уште одиме со стари цени за да го заштитиме стандардот на граѓаните, иако реално требаше веќе да ги покачиме. Кај малото за готвење има покачување од 10 отсто, јајцата од 200 денари се качија на 310 денари табла, а зголемени се и цените на транспортот поради зголемените цени на нафтата. Ние сме мала пекарница и немаме простор за да трупаме резерви, земаме тековно на палети, така што ова зголемување директно се одразува на нашите трошоци – изјавија за весникот ВЕЧЕР од една скопска пекарница.
За да не дојде до поголемо зголемување на цените на производите, велат дека е потребна навремена реакција на институциите и вклучување на сите капацитети.
– Цените на лебот и на пекарските производи сè уште се држат под контрола, бидејќи се трошат резервите од нафта и гас набавени по стари цени. Но, ако продолжи зголемувањето на цената на нафтата, ќе се зголемат трошоците за производство, бидејќи во пекарската индустрија се користат природен гас и екстра лесно гориво. Поскапата нафта влијае и врз зголемување на транспортните трошоци, што неминовно ќе доведе до зголемување на цените на брашното, лебот, белите печива, бурекот и на сите производи од оваа индустрија – изјави за весникот ВЕЧЕР Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија.
Дел од помалите пекарници што немаат резерви и чии трошоци се зголемија, веќе ги покачија цените на своите производи.
– Освен цените на нафтата, зголемени се и цените на пченицата за 7 до 8 отсто. Ако продолжат да растат и цените на пченицата, ќе се зголемат цените и кај оние компании што немаат резерви од пченица. Значи, без поддршка од државата, не може, во услови кога растат цените на сите суровини, да ги држиме цените на исто ниво –појаснува Малишиќ.
Иако засега пекарниците ги одржуваат цените благодарение на старите резерви, растот на цените на енергенсите и на суровините создава силен притисок врз индустријата. Доколку продолжи трендот на поскапување на нафтата, гасот и на пченицата, ново зголемување на цените на лебот и на пекарските производи е речиси неизбежно, особено кај помалите производители што немаат резерви.
Транспортните компании веќе ги зголемиле цените на услугите за дистрибуција на суровините и брашното кон пекарниците и готовите производи, што, исто така ќе влијае на крајната цена на овие производи.
(А. С.)












