– Во уметноста нема брзи победи. Секоја сериозна кариера се гради со години, а понекогаш и со децении. Најтешко е кога доаѓате од мала земја во која уметникот често мора сам да биде и автор, и организатор, и менаџер, и промотор. Меѓународната кариера бара многу повеќе од талент – бара истрајност, континуирана работа и постојано присуство на меѓународната сцена. Имало и одбивања, и разочарувања, но секое од нив ме мотивирало да работам уште подобро. Неуспехот е составен дел од секој сериозен пат, вели светски реномираниот македонскиот уметник Синиша Кашавелски во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, во кое разговаравме токму за неговите дела, мисијата како уметник и трнливиот пат до меѓународни признанија…
– Моето творештво е засновано врз реализам и е завиено со елементи на мистерија кои произлегуваат од мојот внатрешен свет и возвишено размислување. Во многу случаи, композицијата е поставена како ребус, со желба да ја поттикне имагинацијата на публиката и да го отклучи вистинското значење на приказната, вели македонскиот уметник Синиша Кашавелски, чија уметност неодамна повторно доби светско признание во рамките на два меѓународни настани. Неговото дело „Magna mater“ беше избрано за претставување на 17. и 18. Интернационална изложба на ARC Salon во „Сотби“, Њујорк, во организација на „Art Renewal Center“. Како што истакна, делото е алегорија на женскиот принцип – животот, создавањето, љубовта, мудроста и духовната сила…Тој претходно го освои и првото место на престижниот меѓународен конкурс „Progressus Art Awards 2026“, во рамките на Контест 12 – Контемпори арт, со монументалното дело „Simulatrix“, во конкуренција на речиси 1.300 дела од целиот свет.
Инаку, Кашавелски е академски сликар, роден 1969 година, во Куманово. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Друштвото на уметниците на Франција, на Друштвото на Есенскиот салон во Париз, на Академијата за уметност и наука во Париз, како и на Светската академија за уметност. За своето творештво добил бројни награди.
Колку се значајни меѓународните признанија за Вас како автор и што, според Вас, значат за афирмацијата на македонската современа уметност на светската ликовна сцена?
Искрено, секоја награда носи радост, но најголемата вредност ја гледам во тоа што моите дела успеваат да стигнат до публиката и до стручна жири-комисија од различни култури и континенти. Кога едно дело создадено во Македонија е препознаено меѓу стотици или илјадници други, тоа е доказ дека уметноста нема граници. Овие признанија ги доживувам како успех не само за мене туку и како потврда дека македонската современа уметност има што да му понуди на светот.

Зад ваквите успеси секогаш стојат години работа. Колку труд, истражување, дисциплина и лични откажувања се вложени во патот што Ве доведе до овие признанија?
Повеќе отколку што може да се види однадвор. Луѓето обично ја гледаат завршената слика или наградата, но не ги гледаат месеците работа, безбројните корекции, сомнежите и моментите кога се прашувате дали сте на вистинскиот пат. Уметноста ме научи дека талентот е само почетна точка. Сè друго е трпение, дисциплина и подготвеност секој ден повторно да застанете пред празното платно.
Делото „Simulatrix“ Ви го донесе првото место на „Progressus Art Awards 2026“. Како се роди идејата за ова монументално дело и што претставува неговата симболика?
„Simulatrix“ е мој обид преку симболички јазик да проговорам за современиот човек и за вредностите што ги прифаќа. Живееме во време кога привидот сè почесто ја заменува суштината, а симболот станува повистинит од самата реалност. Централната фигура не претставува конкретен лик, туку архетип на современиот човек кој чекори низ свет исполнет со противречности. Знамето, составено од препознатливи симболи на глобалната потрошувачка култура и дигиталниот капитал, е метафора за новите вредности што постепено стануваат наши уверувања, додека останатите симболи отвораат прашања за слободата, идентитетот и човечката природа. Сликата не повикува на осуда, туку на преиспитување – каде завршува реалноста, а каде започнува симулацијата.

Јавноста најчесто ги гледа наградите, но не и предизвиците. Со кои најголеми препреки се соочивте на патот кон меѓународното признание?
Најтешко е кога доаѓате од мала земја во која уметникот често мора сам да биде и автор, и организатор, и менаџер, и промотор. Меѓународната кариера бара многу повеќе од талент – бара истрајност, континуирана работа и постојано присуство на меѓународната сцена. Имало и одбивања, и разочарувања, но секое од нив ме мотивирало да работам уште подобро. Неуспехот е составен дел од секој сериозен пат.
Дали сметате дека македонските уметници денес имаат доволно можности да се претстават пред светската публика или успехот најмногу зависи од личната иницијатива, упорност и меѓународното вмрежување?
Светот денес е многу поотворен отколку порано, но конкуренцијата е исто така многу поголема. Денес никој не чека да ве открие – сами треба да бидете активни, да конкурирате, да комуницирате со галерии и институции и постојано да го градите своето име. На крајот, единствено делото е тоа што зборува наместо авторот.
Во Вашето творештво се чувствуваат и континуитет и истражување. Колку е важно еден уметник постојано да експериментира, а колку да остане верен на сопствениот препознатлив визуелен јазик?
Верувам дека уметникот мора да се менува, но не по цена да се изгуби себеси. Ако секогаш го повторувате истото, станувате предвидливи. Ако премногу се менувате, ризикувате да го изгубите сопствениот идентитет. Предизвикот е да се најде рамнотежата – секое ново дело да носи нешто ново, а сепак да го носи личниот печат на авторот.
Кога ќе се спомене името Синиша Кашавелски по многу години, што би сакале луѓето најмногу да паметат – наградите и изложбите или идеите и пораките што ги пренесуваат Вашите дела?
Наградите се убави затоа што траат еден момент, но делата имаат можност да траат многу подолго. Би сакал моите слики да останат како сведоштво за едно време, за одредени идеи и за едно искрено трагање по вистината преку уметноста. Ако моите дела продолжат да предизвикуваат размислување и по многу години, тогаш тоа ќе биде мојата најголема награда.

Што најмногу Ве инспирира во овој период? Дали веќе работите на нов циклус дела, нови проекти, меѓународни соработки или изложби?
Во моментов сум целосно посветен на нов циклус монументални слики во кои уште подлабоко ги истражувам симболиката, човечката психологија и современите општествени теми. Паралелно работам и на подготовки за неколку меѓународни проекти и изложби. Не сакам да откривам премногу однапред, но верувам дека следниот период ќе биде многу динамичен.
Сè повеќе млади луѓе сонуваат нивните дела еден ден да бидат изложени во најреномираните светски музеи и галерии. Кој е Вашиот најважен совет за нив?
Да не се споредуваат со другите, туку со самите себе од вчера. Да работат секој ден, да читаат, да посетуваат изложби, да ги анализираат големите мајстори и никогаш да не престанат да учат. Во уметноста нема брзи победи. Секоја сериозна кариера се гради со години, а понекогаш и со децении.
Ако треба во една реченица да ја опишете Вашата мисија како уметник, како би гласела таа?
Да создавам дела што нема само да се гледаат, туку ќе продолжат да живеат во мислите на луѓето долго откако ќе го напуштат изложбениот простор.
Даниела ТРАЈКОВСКА












