– Драмски театар – Скопје е најрелевантната македонска театарска куќа од создавањето на современата македонска држава во 1945 година. Едукатор и создавач на публика (многу пред да биде позната синтагмата „развој на публика“), плејада врвни актерски имиња (нема да споменам никого, затоа што ќе биде некоректно кон неспоменатите), предводник на безмалку сите релевантни театарски новитети и правци во Македонија, промотор на најзначајните македонски драматичари, препознавач на најголемите македонски режисери се клучните поими што го обележуваат постоењето на Драмски – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР директорот Роберт Вељановски
Драмскиот театар – Скопје ќе го одбележи својот јубилеј, 80 години од првата претстава („Силјан Штркот“ во 1946 г.), на 21 април со премиера на „Мачкина глава“ по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и со докажана и реномирана актерска екипа од овој Театар. Во претставата настапуваат: Рубенс Муратовски, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Сара Климоска, Игор Ангелов, Сања Арсовска, Златко Митрески и Предраг Павловски. Во уметничкиот дел од тимот, пак, се сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајкоски. Како што е најавено, вечерта на свеченото одбележување на 80-годишнината на Драмски ќе присуствуваат театарски доајени, бројни гости од театарскиот, општествениот и од културниот живот на нашата земја, како и претставници на државниот врв. За значењето, за почетоците, но и за идната визија за Драмски, Театарот низ кој поминале плејада врвни македонски актери, режисери, драмски писатели, театарџии, каде што се одиграле култни претстави, кои повозрасните генерации сè уште ги паметат, разговараме со актуелниот директор, Роберт Вељановски.
Што може да очекува публиката дојдена во Драмски, на централната прослава на 80-годишниот јубилеј, од претставата „Мачкина глава“ на тандемот Андоновски –Пројковски и од свеченото одбележување?

Годинава, Драмски ја живее годината во која одбележува 80 години од своето постоење. „Мачкина глава“ на Венко Андоновски е драмски текст што парадигматично реферира на култното „Диво месо“ и му е посветен на великанот на македонското драмско творештво, на нашиот Горан Стефановски, кој ги имаше своите театарски почетоци во нашиот, во неговиот Драмски театар. Оттука, чинам дека веќе може да се насети што треба да очекува публиката од нашата претстава: жестока, провокативна и актерски моќна претстава што се случува во една балканска паланка позната по еден мит и по една душевна болница. Сето ова во режија на најактуелниот македонски режисер во моментов, Дејан Пројковски. Нема да бидам претенциозен доколку потенцирам дека „двоецот“ Андоновски – Пројковски со своите грандиозни театарски уметнички дела на сцената на Драмски – „Генетика на кучињата“ и „Падот на Масада“ – е продолжение на востановените успешни практики на Драмски од 80-тите години на минатиот век (Ј. Плевнеш – Љ. Георгиевски и Г. Стефановски – С. Унковски), преку кои и со кои македонскиот театар ги живееше своите ѕвездени мигови.
Што се однесува, пак, до свеченото одбележување, донесовме одлука да го направиме тоа со она што докажано го знаеме и умееме – со премиера на театарска претстава, праизведба на македонски драмски текст. Во тек се и подготовките на монографијата „80 години НУ Драмски театар Скопје“, чија промоција е предвидена на годинашното издание на РУТА – Драмски, на крајот од октомври. Сметајќи дека ова е голем јубилеј на НУ Драмски театар – Скопје, но и голем јубилеј за македонската култура, чувствуваме потреба да го споделиме нашето чествување со нашите колеги од Македонија и од регионот и во месеците што се пред нас публиката ќе има можност да проследи продукции на 10 театри што ќе настапат во Драмски, во чест на јубилејот 80 години НУ Драмски театар – Скопје.
Што значи за актуелниот ансамбл и за теaтарските работници, но и за Вас, да се биде дел од Драмски, театар со култни претстави, со врвни актерски имиња, кој еден период беше и на врвот од југословенската театарска сцена?
Театарот е уметност на мигот. Претставата што се игра, може да се доживее и се доживува само до моментот кога ќе се спушти театарската завеса. Сѐ друго е впечаток што го носиме во себе и што не ни гарантира дека ќе остане ист при следното гледање на истата претстава. За паметење, пак, остануваат историографските записи, преку кои само се проследени фактите за нешто што се случило. А фактите, историски, се неумоливи. Драмски театар – Скопје е најрелевантната македонска театарска куќа од создавањето на современата македонска држава во 1945 година. Едукатор и создавач на публика (многу пред да биде позната синтагмата „развој на публика“), плејада врвни актерски имиња (нема да споменам никого, затоа што ќе биде некоректно кон неспоменатите), предводник на безмалку сите релевантни театарски новитети и правци во Македонија, промотор на најзначајните македонски драматичари, препознавач на најголемите македонски режисери се клучните поими што го обележуваат постоењето на Драмски. Оттука, да се биде член на колективот на Драмски театар е огромна чест и задоволство, но и сериозна обврска, не во смисла да се „гонат“ остварувањата и успесите од минатото туку и во смисла да се создава жива театарска уметност, која ќе кореспондира и ќе биде огледало на времето што го живееме.
Би се согласил со Вашата констатација дека Драмски е театар што едно време беше врв на југословенската театарска сцена. Но, би сакал да потенцирам дека она што особено ме радува е фактот, кој е проверен преку учеството на Драмски театар како член на Регионалната унија на театри – РУТА, што Драмски театар – Скопје во моментов е на самиот врв од регионалната театaрска сцена.
Што, според Вас, претставува Драмски за скопјани, Македонија, за театарската публика и воопшто за македонскиот театар?

Како скопјанец и како карпошанец, како човек што е роден на 50 метри од Театарот и проживеал дел од своето детство во Театарот и во неговиот двор, за мене, Драмски е чиста емоција. Драмски е мојот прв допир со уметноста на театарот. Местото каде што фасцинацијата од изгледаната „Баш челик“ го предодреди мојот животен пат. Сосема интимно, кога ќе се спомене зборот „театар“, јас отсекогаш и секогаш прво помислувам на Драмски театар. Претпоставувам дека има слично значење и за повеќето скопјани што се љубители на театарската уметност.
Во македонски рамки, Драмски е театарот што е предвесник на модерниот македонски театар, театар што имал талент и храброст да проговори за низа аномалии на македонското општество, ако сакате и во една крајна дистанца, еден од предвесниците на современата македонска демократија. Театарските остварувања на Драмски во бившата федерација го отвораа патот на македонскиот театар надвор од границите на Македонија, со што културолошки го поставуваат Драмски театар како еден од столбовите на македонската култура.
Накратко, кажете ни за почетоците на Драмски театар (кога започнал како Куклена сцена во рамките на МНТ во 1946)?

Пред 80 години, на 21 април 1946 година, на сцената на тогашниот Македонски народен театар, по формирањето на Куклената сцена, е изведена премиерата на куклената претстава „Силјан Штркот“, работена по мотивите на Марко Цепенков, а во адаптација и режија на Петре Прличко. Денешната НУ Драмски театар – Скопје ги влече корените на своето формирање токму од оваа премиерна изведба и го слави овој датум како датум на своето формирање. До 1949 година, опстојува како Куклена сцена при Македонскиот народен театар, секоја година изведувајќи по една премиера годишно, а во 1949 година прераснува во самостојна установа со називот Градски куклен театар во тогашната Женска гимназија. 1958 година е една од клучните години за формирањето на Драмски театар. Направени се неколку исчекори, кои ќе резултираат со сериозна промена на концептот на самиот Театар и првпат наместо кукли на сцената, ќе се појават живи актери. Овој нов концепт на создавање претстави во кои актерите ќе ги заменат ќе го отвори патот за создавање алтернатива во театарското творештво во Скопје, дотогаш базирано само на работата на Македонскиот народен театар, но и пошироко, во Македонија. Во таа 1958 година, променет е називот на установата од Градски куклен театар во Младинско-детски театар. На 4 март 1965 година, со премиерата на претставата „Богомилска балада“ (драматизација на романот „Она што беше небо“ од Владо Малески на Милан Ѓурчинов и Илија Зафировски, а во режија на Тодорка Кондова-Зафировска), одбележано е свеченото отворање на новата театарска зграда на Младинско-детскиот театар. Добивањето и вселувањето на Театарот во новата театарска зграда во населбата Карпош II е последната и круцијална фаза од формирањето на установата, која денес го носи називот НУ Драмски театар – Скопје. Со додавката „драмски“ пред името на постојната установа, се навестува суштинска промена во ориентацијата на Театарот, кој пред себе има поставено цел да стане нов, актуелен и современ театар, пандан на театрите во другите главни градови на републиките во тогашна СФРЈ. Во 1967 година, установата го менува називот во Драмски театар. Успесите на ниво на Југословенската Федерација го устоличуваат Драмски театар како најрелевантна театарска установа во Републиката.
НУ Драмски театар – Скопје е добитник на речиси сите релевантни награди, признанија и одликувања во областа на културата и театарската уметност, како во бившата СФРЈ – Стериино позорје и Фестивалот на малите и експериментални сцени во Сараево – МЕСС… така и во Република Македонија: МТФ „Војдан Чернодрински“, ИТФ „Ристо Шишков“, ИТФАД „Стоби“, ИТФ „5ре“, Фестивалот на монодрамата во Битола, „Охридско“ лето… Признанијата и наградите: „11 Октомври“, ЗСИЗ на културата на Град Скопје, „13 Ноември“, „Климент Охридски“… Одликуван е и од двајца претседатели: Орденот за заслуги за народот со златна ѕвезда од Јосип Броз Тито во 1976 година и Орденот за заслуги за Македонија од Н.Е. проф. д-р Ѓорѓе Иванов во 2016 година.
Што треба да се направи за да се чува и негува тоа што го остави како аманет и традиција Ристо Стефановски, еден од втемелувачите на Драмски? Му ја посветивте големата сцена…

Од заминувањето на Ристо Стефановски од позицијата прв човек на Драмски поминати се 46 години и променети се 10-мина директори. Веќе четири години тој не е меѓу нас. Но, кога се споменува некој човек по толку време, тоа само значи дека тој оставил неизбришливи траги во живеењето на установата. И тоа не е спорно во ниту еден сегмент. Во мојот прв мандат како директор на Драмски (2013-2017), со Ристо Стефановски поминував часови во бескрајни муабети за театарот. За Драмски театар. Ристо, објективно, никогаш не го напушти Драмски. Го доживував како пријател, како советник, како некој што ги имаше поминато сите сцили и харидби на управувањето со еден театар. Нему, сѐ му беше јасно. И фактот дека времето што го живееме ние е сосема поразлично од она време што го живееле тие, и фактот дека современиот театар е во позиција да се „бори“ со илјадници медиуми, за разлика од вкупно петте во нивно време, и фактот дека генерациите што доаѓаат се сосема поразлични од оние што твореле во нивно време, и фактот дека начинот на работа и финансирање на театрите е сосема поразличен од тоа време. Сѐ му беше јасно! Но, никогаш не си дозволи да понуди „готово решение“, формула како треба да се води и да се создава театар. Мислам дека Ристо ме доживуваше како некој што е премин помеѓу вредностите што ги остави „старото“ и ги носи „новото“ театарско време.
Оттука, ако можам да го сублимирам Вашето прашање, повикувајќи се на моите средби со Стефановски, би рекол: Не постојат брзи, инстант решенија во театарот, добро е решенијата да „преспијат“ пред да бидат донесени. Актерот е средиштето на театарската уметност, затоа тој треба да се негува. Актер се создава со големи улоги. Театарот мора да е во постојана потрага по современи драмски текстови, особено домашни, затоа што тие треба да се огледало на времето што го живееме. Не смее да се запостави современата странска драматика, затоа што така заостанувате зад светот. Ангажирајте режисери што ќе донесат нови светови во театарот, прво во ансамблот, а потоа и на репертоарот. Создавајте и почитувајте ја публиката, таа е алфа и омега, театарот нема смисла ако нема публика.
Како и каде го гледате Драмски во идните пет-десет години?

Веројатно, пред нас се години на сериозни искушенија и предизвици. Ако сѐ тече согласно со плановите, набрзо треба да започне изградбата на новиот објект за потребите на НУ ДТС, на истата локација, што нужно значи времена преселба од локацијата на која твориме денес и улога на „потстанар“ во некоја сродна установа. Но, да немате двојба, ниту еден од нас не седи со скрстени раце и чека понудени и готови решенија. Напротив, во моментов работиме на можностите што ни се отвораат како можни алтернативи, а се во насока на изнаоѓање на малку или досега неискористени сценски простори што имаат услови за создавање театар, со што не само што ќе обезбедиме континуитет во работата на установата туку и ќе понудиме побогата културна програма на најмалку две нови локации во градот Скопје. Од друга страна, во последниве две години евидентен е исчекорот на Драмски во секој поглед, од репертоарната политика, преку квалитетот на претставите, до сериозно зголемениот број посетители на Драмски. Ова е резултат на сериозна и посветена тимска работа на повеќе чинители во Театарот, но, можеби, некому ова му изгледа како случаен исчекор. Затоа трпеливо работиме она што, можеби, некој го смета за исклучок, да го востановиме како правило. Од трета страна, меѓународната соработка со нам сродните театри и фестивали е интензивирана на најголемо можно ниво и Драмски е и ќе биде присутен не само во регионот туку и во Европа и пошироко. Да резимирам. Актерскиот потенцијал на ДТС, режисерските имиња што изразуваат намера да соработуваат со нас и можностите што ни се отвораат за соработка и презентација на нашите претстави во Европа и во светот се сериозни претпоставки за можната успешност на НУ Драмски театар – Скопје во наредните години.
Има ли план или долгорочна стратегија како ќе се решат проблемите што се случуваат околу објектот (прокиснување, да се обнови сцената…)? Имаше поправки на покривот, во најава беше реконструкција, дури и се зборуваше за нова зграда?
Повеќе од 61 година Драмски опстојува во времен објект – барака, за чија изградба се донирани средства од Велика Британија, како помош за ревитализација на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Благодарение на фактот што огромен дел од директорите што управувале со Драмски биле посветени домаќини, оваа барака сѐ уште е во употреба. За жал, времето го чини своето и покрај максималната посветеност и грижа, согласно со материјалните средства со кои располагаме, особено во последните 20-ина години, објектот е во сè понезавидна состојба. Оттука, планот и стратегијата за решавање на проблемите на постојниот објект на нашиот Театар, согласно со сите анализи што се правени во изминативе 15 години од страна на Владата на РМ, Министерството за култура и НУ ДТС, водат само кон едно решение: изградба на нов објект за потребите на НУ ДТС. Притоа, мора да се спомене дека има готов проект, кој во моментов се ревидира и чија изведба требаше да започне во 2017 година. За жал, не се случи тоа, на штета на Драмски, на штета на македонската култура и на штета на македонската публика.
Наташа Илиевска-Таневски












