понеделник, јули 6, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ГЕНЕРАЛ ГОРАНЧО КОТЕСКИ: НАТО-САМИТ ВО АНКАРА – ЌЕ СЕ ПОКАЖЕ ЕДИНСТВО...

КОЛУМНА, ГЕНЕРАЛ ГОРАНЧО КОТЕСКИ: НАТО-САМИТ ВО АНКАРА – ЌЕ СЕ ПОКАЖЕ ЕДИНСТВО ИЛИ УШТЕ ПОГОЛЕМ РАЗДОР?

2

Кога е загрозена глобалната безбедност во светот и кога се соочуваат одредени региони со големи безбедносни предизвици, најголеми по Студената војна, во Анкара, на 7 и 8 јули ќе се одржи НАТО- самит на кој ќе учествуваат 32. земји членки, како и претставници од земјите на Азископацифичкиот Регион, Персискиот Залив и земјите партнери.

По 22 години (Истанбул 2004 година), повторно домаќин на НАТО-самитот е Република Турција, земја која е втора сила во НАТО-алијансата и која, во последната деценија, ја истакнува својата проактивна улога како мост меѓу Европа, Блискиот Исток и Црното Море.

Фокусот на разговорите на самитот ќе биде насочен кон неколку теми.

Првата тема се однесува на зајакнувањето на колективната одбрана и на спроведувањето на одлуките од самитот во Хаг, каде што земјите членки се согласија да ги зголемат трошоците за одбрана и безбедност на 5 % од бруто-домашниот производ (БДП) до 2035 година. Според овој модел, 3,5 % од трошоците ќе бидат наменети за директни воени капацитети, додека другите 1,5 % ќе бидат насочени за безбедносни инвестиции како критична инфраструктура, кибербезбедност и воена мобилност.

Друга многу значајна тема е понатамошната поддршка на Украина во војната со Русија, при што се очекува воена помош од НАТО за Украина од 140 милијарди долари во следните две години.

Следната тема од агендата на самитот се однесува на индустриското производство и на јакнењето на воените индустриски капацитети во земјите членки на НАТО-алијансата, што се потврдува (во текот на самитот) со организирањето на форумот за одбранбена индустрија под мотото „Нема силна одбрана без силна одбранбена индустрија“.

Сигурно, во текот на формалните и на неформалните разговори ќе биде дискутирано и за други актуелни безбедносни теми.

На завршницата од НАТО-самитот, предвидено е да се потпише заедничка декларација во која, според нацрт-текстот што добил поддршка од амбасадорите на сите 32 земји членки, се потврдува посветеноста кон заедничката одбрана, под мотото „Посилна Европа во посилен НАТО“. Под ова мото се демонстрира иднината на односите меѓу членките во Алијансата, дека европските сојузници, во соработка со Соединетите Американски Држави, преземаат поголема одговорност за одбраната на Алијансата.

Во декларацијата, Русија е оценета како „долгорочна закана“ за евроатлантската безбедност и стабилност, а се наведува и дека европските членки на НАТО ги исполнуваат обврските преземени на минатогодишниот самит во Хаг, за зголемување на издвојувањето за одбрана.

Во текстот од декларацијата се наведува и ставот на НАТО дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје, а до Техеран е упатен повик целосно да ја почитува слободата на пловидба низ Хормускиот Проток.

Предвидените теми, нацрт-текстот во декларацијата  и донесените одлуки битно ќе влијаат на понатамошниот однос меѓу земјите членки од НАТО- алијансата и на безбедносната рамнотежа и архитектура на глобален план.

Од НАТО-самитот во Анкара не се очекува само да биде годишен редовен дипломатски собир туку се очекува да биде и пресвртница за иднината на Алијансата и за новата безбедносна архитектура.

Ова очекување произлегува од новата поделба на одговорностите, каде што САД бараат европските членки да преземат поголем дел од трошоците и одбраната, бидејќи САД сакаат да бидат повеќе насочени кон Кина и незината зголемена конкуренција.

Исто така, самитот во Анкара може да го означи почетокот на т.н. нов модел во развојот на Алијансата „НАТО 3.0“ (НАТО – 1.0 1949-1991 год.; НАТО – 2.0 по 1991 год.).

Со таканаречениот модел НАТО 3.0, „кој може да прерасне во нова стратегија на НАТО, Алијансата повторно се насочува кон колективната одбрана со воведување нови елементи, како поголема улога на европските членки во сопствената безбедност, обезбедување поголеми воени буџети, модернизирана воена индустрија што може да произведе повеќе вооружување и муниција, употреба на вештачката интелигенција во одбраната и киберодбраната.

Успехот на овој самит нема да зависи од усвоената декларација, туку од преземените идни чекори на земјите членки на НАТО-алијансата.

Најважното нешто што треба да се покаже на овој самит е единството на Алијансата и дали се подобруваат трансатлантските односи или се создава уште поголема пукнатина помеѓу САД и Европа.

НАТО-алијансата, како воена политичка организација, не може да постои и да биде функционална без САД, но сметам дека не може да постои, ниту да биде функционална без Европа.

Ова констатација се потврдува со тежината во самостојното изведување борбени операции на САД во Иран без политичка, воена и морална поддршка од европските сојузници, споредувајќи со операциите изведувани во Ирак, Авганистан, Либија. Но, истовремено, на површина излегуваат тежината и непродуктивното делување на европските членки од НАТО-алијансата во Украина, без американска поддршка.

Република Македонија, како членка на НАТО што скапо го плати своето членство, треба да се залага за единство во Алијансата и членот 5 треба да биде главен темел на нашата колективна безбедност, градејќи ги сопствените воени капацитети. Истовремено, потребно е, покрај регионалната соработка, да ги развиваме и стратегиски договори, како што се договорите потпишани со САД и со Република Турција.

Но, истовремено, потребно е да се вклучиме во развојот на воената индустрија, односно во заедничките военоиндустриски капацитети на НАТО, што битно ќе влијае на нашата економија.

Авторот е генерал-потполковник во пензија и поранешен началник на Генералштабот на АРМ

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

 

 

ИЗДВОЕНИ