понеделник, јули 6, 2026
Дома СВЕТ Во луксузната дивоградба на претседателската палата во Анкара: Состанокот на шефовите на...

Во луксузната дивоградба на претседателската палата во Анкара: Состанокот на шефовите на држави и влади на самитот на НАТО ќе трае кратко за да не му здодее на Трамп!

1
epa13090819 Security personnel stand guard near the Bestepe Presidential Complex ahead of the NATO Summit Defense Industry Forum in Ankara, Turkey, 06 July 2026. The summit will take place on 07–08 July, focusing on strengthening defense industrial production and securing long-term military aid for Ukraine. EPA/GEORGI LICOVSKI

Според она што е протечено досега, во завршната декларација сојузниците ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на колективната одбрана во членот 5 од Северноатлантскиот договор, ќе објават помош за Украина, Русија ќе ја прогласат за долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност и ќе наведат дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје. Лидерите на земјите на НАТО, исто така, ќе го повикаат Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Хормускиот Проток

 

„НАТО-убиецу, оди си од нашата земја!“ Со оваа парола, стотици турски граѓани на протестите организирани од  Комунистичката партија на Турција (ТПК) и од неколку левичарски групи се обидоа да ги пречекаат лидерите на земјите члеки на НАТО, кои денеска и утре ќе се соберат во Анкара, на самит на кој ќе учествува и американскиот претседател, Доналд Трамп.

Турските власти во изминатите денови го чистат теренот за доаѓањето на високите гости. Уапсени се повеќе од 100 луѓе што протестираа против НАТО, а медиумите во понеделникот објавија дека во антитерористичките рации низ целата земја биле приведени 39 други лица, вклучувајќи новинари од независни медиуми, активисти и академици. Демонстрациите се забранети, во големи делови од градот се поставени барикади, а затворени се и некои патишта.

– Користејќи го НАТО како изговор, целосно ја претворија земјата во притвор. Ги живееме деновите на непрогласена вонредна состојба – напиша на платформата „Икс“ копретседателот на турската прокурдска партија ДЕМ, Тунџер Бакирхан, додека турските обвинители велат дека операциите се дел од напорите за откривање на активностите на милитантните групи, без да го споменат самитот.

Самитот ќе се одржи во луксузната турска претседателска палата, огромен комплекс што се простира на повеќе од 200 илјади квадратни метри, со повеќе од 1.100 соби, чија изградба чинеше повеќе од 500 милиони евра. Опозицијата на претседателот Реџеп Таип Ердоган ја смета палатата за симбол на расипништвото на неговото автократско владеење. Палатата е изградена нелегално, без важечка градежна дозвола. Врховниот административен суд на Турција во 2015 година пресуди дека е бесправно изграден овој објект, бидејќи е во заштитено шумско подрачје.

Како и да е, присуството на Трамп на самитот е токму поради Ердоган, со кого негува добри односи, откако во последните недели се судри со неколкумина европски лидери, вклучувајќи ја и италијанската премиерка, Џорџа Мелони, која долго време функционираше како посредник меѓу американскиот претседател и европските лидери. Минатата недела, Трамп изјави дека, можеби, дури и немало да оди на самитот ако не бил организиран од Ердоган, во Турција. Трамп е и причина за организирањето на овој самит, кој се одржува поради притисокот што го изврши тој врз Европа за да ги зголеми трошоците за одбрана, како и поради тензиите што ги направи со војната во Иран и желбата да го преземе Гренланд. На овој самит, европските членки треба да го преземат главниот товар за одбраната на сопствениот континент. Предвиден е и состанок на ниво на шефовите на држави или на влади, кој, според изјавите на некои дипломати, бил скратен за да не му здодее на Трамп.

САД веќе почнаа да ги намалуваат својот ангажман и воените капацитети во Европа и ќе продолжат да обезбедуваат нуклеарен чадор и стратешко разузнавање. Европа треба да обезбеди конвенционална и ненуклеарна моќ на копнените, воздушните и на поморските сили во рамките на Алијансата, додека САД ќе се ангажираат повеќе во Индопацифичкиот Регион.

– Претстојната задача е јасна: да се претворат обврските што ги презедоа сојузниците во конкретни резултати. Зголемени инвестиции, индустриско производство и континуирана поддршка на Украина, сето ова придонесува за посилно НАТО и за поголема безбедност за сите нас – порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Лидерите на НАТО во Анкара ќе ја усвојат финалната декларација, на која работеа амбасадорите на земјите членки со недели. Според она што е протечено досега, сојузниците ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на колективната одбрана во членот 5 од Северноатлантскиот договор и ќе објават помош за Украина од 70 милијарди евра оваа година и уште толку наредната. Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, кој ќе биде во Анкара, изјави дека очекува конечната декларација да вклучува противвоздушна и противракетна помош за неговата земја. Конечната декларација треба да содржи и дел во кој се вели дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност и дека Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје. Лидерите ќе го повикаат Техеран да ја почитува слободата на пловидба низ Хормускиот Проток.

ИЗДВОЕНИ