понеделник, јули 6, 2026
Дома ИНТЕРВЈУ Д-р Борислав Калковалиев: Модерната хирургија може успешно да се развива и надвор...

Д-р Борислав Калковалиев: Модерната хирургија може успешно да се развива и надвор од Скопје

1

Оштетувањето на зглобната ’рскавица долго време претставуваше проблем што најчесто завршуваше со класична хирургија или со ограничени можности за лекување. Но, современата ортопедија денес нуди нови решенија. Неодамна, едно од нив првпат беше применето и во Општата болница во Гевгелија. ’Рскавицата на зглобовите често се оштетува со текот на годините, што доведува до разни проблеми, болки, намалена подвижност на екстремитетите или до проблем при движењето и одењето. Поради малата регенеративна способност на ’рскавицата, лекувањето обично завршува со операција. Неодамна, во Општата болница со проширена дејност – Гевгелија првпат беше изведена артроскопска автологна трансплантација на ’рскавица на скочниот зглоб, современа и релативно нова процедура што се применува денес во водечките ортопедски центри во светот за третман на оштетувања на зглобната ’рскавица. За ова разговараме со д-р Борислав Калковалиев, специјалист ортопед.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Што претставува оваа метода и по што се разликува од досегашните начини на лекување?

– ’Рскавицата е мазен еластичен слој што ги покрива зглобните површини на коските. Нејзината улога е да овозможи непречено движење и да ги апсорбира силите што дејствуваат при оптоварување на зглобот, што ги вклучува секојдневните основни активности, сè до големото оптоварување како при професионалните спортови.

Проблемот е што зглобната рскавица има ограничена способност за самообнова, бидејќи нема сопствено крвоснабдување. Најчести причини за нејзино оштетување се спортските повреди, скршениците што го зафаќаат самиот зглоб, повторливите микротрауми, нестабилноста на зглобот, како и  постепените дегенеративни промени, односно стареењето на самиот зглоб.

Дали може со некаква терапија, да речеме колагенска, да се превенира, да се забави оштетувањето на рскавицата?

– За жал, досега нема научен доказ дека колагенските додатоци може во целост да ја обноват веќе оштетената ’рскавица. Кај одредени пациенти може да помогнат физикалната терапија, интрартикуларните инјекции, но и промената на животните навики, одржувањето нормална телесна тежина, како и еден дел на ортопедските интервенции за корекција на механичките проблеми и навременото и правилно лекување на повредите. Во краен случај, и хируршко лекување на изолиран дефект на самата ’рскавица.

Неодамна, во Општата болница со проширена дејност – Гевгелија, каде што работите, првпат беше изведена артроскопска автологна трансплантација на ’рскавица на скочниот зглоб.  Што претставува  и по што се разликува оваа метода од досегашните начини на лекување на оштетувањето на ‘рскавицата?

 – Артроскопската автологна трансплантација на ‘рскавица на скочниот зглоб претставува современа биолошка техника за реконструкција на локализираните оштетувања на зглобната ’рскавица. Операцијата се изведува артроскопски, при што се жртвува мала количина здрава ’рскавица од самиот пациент, начесто од рабовите на дефектот што се третира, се обработува во ситни фрагменти и се комбинира со биолошкиот материјал, автологен концентрат од крв. Таа смеса се поставува во претходно обработениот дефект и се фиксира со специјално биолошко лепило.

Предноста е што се користи сопствено ткиво на пациентот, без потреба од лабораториско одгледување клетки или, пак, донаторски материјал. Целта е да се создадат услови за формирање квалитетно регенеративно ткиво што ќе ја подобри функцијата на зглобот и ќе ги намали тегобите на пациентот.

Кои се предностите на артроскопскиот пристап во однос на отворената хирургија?

 – Артроскопската хирургија овозможува многу помала хируршка траума во споредба со отворените операции. Тоа значи помал оперативен рез, помало оштетување на околните меки ткива, помал ризик од инфекции и побрзо постоперативно заздравување. Дополнително, артроскопот овозможува одлична директна визуализација на целиот зглоб и истовремено третирање на придружното оштетување доколку постои.

За каква повреда се работеше кај пациентот, колку траеше операцијата, со која екипа ја работевте и кои беа најголемите предизвици во текот на самиот зафат?

– Како што споменав претходно, една од причините за оштетување на ‘рскавицата се таканаречените интраартикуларни фрактури, односно скршеница што го зафаќа самиот зглоб. Пациентот што го третиравме имаше таква повреда, интраартикуларна фрактура на долниот крај на тибијата, која, исто така, беше третирана оперативно, во прв акт. Поради карактерот на повредата, околното ткиво претрпува промени во својата структура, што, можеби, и беше најголем предизвик при изведувањето на операцијата, имајќи предвид дека се работи за минимално инвазивна техника кај која, низ портали од околу 1-2 см, во зглобот се внесуваат камера и инструменти со кои се врши процедурата.

Дополнително, за нас беше предизвик што првпат се изведува ваков вид интервенција во нашата установа. Таа беше изведена под надзор на д-р Тоде Вранишкоски од ГОБ „8 Септември“ во Скопје, каде што мислам дека првпат се изведе оваа процедура во државата и каде што јас во тоа време ја спроведував специјализантската обука.

Од нашиот редовен состав од Одделението за хируршки болести учествуваа: Стефанија Стојанова д-р спец. анестезиолог, Костадин Рамаданов анестетичар, Даниела Дунимаглоска инструментарка, Дајана Пандова помошна инструментарка и Ѓорѓи Шарков болничар.

Како тече постоперативното закрепнување на пациентот и по колку време тој ќе може повторно да оди, да работи или да му се врати на спортот?

–  Закрепнувањето е постепен процес и се одвива по претходно строго утврден протокол за овој вид  интервенција. Во првите недели се заштитува оперираниот зглоб со ограничено или без оптоварување, во зависност од местоположбата на дефектот. Паралелно се започнува со физикална терапија за зачувување на подвижноста и кондицијата на околните меки ткива. Поголемиот дел од пациентите им се враќаат на секојдневните активности по два месеци, додека враќањето на спортот е меѓу шест и девет месеци, кога радиолошки ќе се потврди соодветно зараснување.

Има ли возрасна пречка за да се примени ваква трансплантација кај секој пациент?

– Не постои строга возрасна граница. Многу поважни се квалитетот на останатата околна ‘рскавица, големината на дефектот, состојбата на зглобот во целост и очекувањата на пациентот. Најдобри резултати се очекуваат кај пациентите без знаци за напредната артроза и со добро коригирана механика на зглобот.

Дали планирате примена на оваа техника во иднина и за други зглобови?

– Апсолутно. Нашата цел е постепено да ги воведуваме овие современи методи, следејќи ги светските препораки и најновите научни докази. Биолошките техники сè повеќе се развиваат и се наша долгорочна визија и цел. Веќе имаме  планирано втор пациент за ваква операција, за поправка на дефект на ‘рскавицата на коленото.

Нашата амбиција е ова да не биде изолиран успех, туку еден континуиран развој на современата ортопедско-трауматолошка хирургија во нашата установа. Со нетрпение го очекувам и враќањето на мојот колега, д-р Кузман Стефановски, кој е во последната година од својата специјализација и верувам дека во иднина ќе покажеме дека кога постојат знаење, посветеност и поддршка, модерната хирургија може да се работи и во внатрешноста на држвата. Но, ваквиот развој не е одговорност само на лекарите и на медицинскиот персонал.Т ој бара заедничка визија и поддршка од сите релевантни институции, како државните така уште повеќе и локалните. Ортопедско- трауматолошката хирургија е горлив проблем за нашиот регион, но верувам дека со заедничко залагање и со став дека инвестицијата во здравството е инвестиција во иднината, придобивките најмногу ќе ги почувствуваат нашите пациенти.

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ