Во државната каса, во првите шест месеци од годинава, се слеале речиси 170 милијарди денари, што е 8,6 насто повеќе отколку лани, а планот има реализација од над 45 отсто. Капиталните инвестиции, пак, бележат пораст од 53,5 насто. Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, овие показатели потврдуваат дека јавните финансии се стабилни, приходите се резултат на редовната економска активност, а буџетските средства се насочуваат кон законските обврски и развојните проекти.
Во експозето на ребалансот на годинашниот Буџет, министерката оцени дека јавните финансии се стабилни, приходната страна се реализира согласно со очекувањата, а расходите се насочени кон исполнување на законските обврски и реализација на приоритетните развојни политики.
„Особено е значајно што најголемиот дел од приходите доаѓаат од редовната економска активност. Даночните приходи достигнаа 96,7 милијарди денари, при што приходите од данокот на додадена вредност изнесуваат 43,3 милијарди денари и учествуваат со околу 44,7 % во вкупните даночни приходи. Приходите од данок на личен доход достигнаа 17,5 милијарди денари, приходите од данокот на добивка 13,8 милијарди денари, а по основ на акцизи се реализирани 13,9 милијарди денари“, наведе министерката.
Податоците покажуваат пораст на приходите од данокот на личен доход за 11,7 %, данокот на добивка за 14,5 %, данокот на додадена вредност за 16,4 %, како и пораст од 8,3 % кај увозните давачки.
Според министерката, ова е директна потврда дека економската активност продолжува, дека компаниите работат, дека платите растат и дека институциите успешно ја реализираат политиката на подобра наплата и намалување на сивата економија.
Социјалните придонеси во овој период од шест месеци, како најзначаен извор за финансирање на пензискиот и здравствениот систем, достигнаа 58,8 милијарди денари, што претставува пораст од 7,5 % во споредба со истиот период минатата година.
На расходната страна на Буџетот, која е реализирана во износ од 205,9 милијарди денари, средствата се насочени кон исполнување на законските обврски кон граѓаните.
Во првата половина од 2026 година се исполнети обврските кон стопанството, односно извршен е поврат на средства по основ на солидарниот данок во висина од 1,2 милијарди денари. За исплата на пензии се издвоени 58,1 милијарди денари и е обезбедена редовна исплата на пензиите за сите пензионери. За финансирање на здравствениот систем се реализирани 25,5 милијарди денари, а за социјална заштита на најранливите категории граѓани се исплатени 7,6 милијарди денари. Кон општините се трансферирани 15,1 милијарди денари блок-дотации за образование, детска заштита, култура, противпожарна заштита и останатите пренесени надлежности, како и дополнителни 2,4 милијарди денари средства од данокот на додадена вредност. Истовремено, во првата половина од годината државата дисциплинирано ги сервисираше сите обврски кон домашните и странските кредитори. За камати се исплатени 12 милијарди денари, додека за отплата на главнината по основ на домашен и надворешен долг се сервисирани 60,7 милијарди денари.
Според министерката, како што наведе во експозето, ова е исклучително важно бидејќи финансиската дисциплина и навременото сервисирање на долгот се предуслов за зачувување на довербата на инвеститорите, меѓународните финансиски институции и кредитните агенции.
Таа нагласи дека на расходната страна политиката останува непроменета – „навремена исплата на сите законски обврски, дисциплинирано управување со јавните средства и приоритетно финансирање на развојните политики“.
Министерката истакна дека она што претставува најсилен показател за развојната политика на Владата е реализацијата на капиталните расходи, која во првата половина од годината достигна 19,4 милијарди денари, што претставува пораст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година. Тоа, смета министерката, значи дека државата инвестира повеќе во патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации, енергетски проекти и локален развој. За изградбата на Коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари, а дополнително, за инфраструктурните проекти во општините се реализирани 2,1 милијарди денари.












