Летувањето во Охрид оваа сезона станува сè поголем трошок за домашните туристи. Во шпицот на летната сезона, од 23 јули до 5 август, цените на приватното сместување достигнуваат и до 130 евра за ноќевање за четиричлено семејство, покажува понудата на дел од платформите за резервации и огласите на издавачите. Во зависност од локацијата, близината до езерото и опременоста, цените на апартманите најчесто се движат од 70 до 130 евра за ноќ. Туристите реагираат дека за иста или слична сума можат да најдат сместување и во дел од грчките туристички места, поради што сè почесто се одлучуваат летниот одмор да го поминат надвор од државата.
Од друга страна, сопствениците на приватно сместување сметаат дека цените се оправдани и дека шпицот на сезоната секогаш носи повисоки тарифи.
– Сега е сезона и нормално е цените да бидат повисоки. Ако туристите плаќаат толку за никакви апартмани во Грција, тогаш не гледам причина да не платат и во Охрид. Во апартманите се инвестирани многу средства, а ние практично живееме од приходот што го остваруваме во текот на овие неколку летни месеци, вели сопственичка на апартмани во Охрид.
Таа објаснува дека највисоките цени се во периодот од 23 јули до 5 август, кога во Охрид традиционално се одржуваат бројни концерти, музички фестивали и други летни настани, поради што побарувачката за сместување е значително поголема.
– Во тој период во градот доаѓаат многу млади луѓе, но, за жал, сите не се однесуваат одговорно. Често резервираат апартман за четири лица, а на крајот, во него престојуваат шест, осум, па и повеќе гости. Освен што тоа е спротивно на договореното, по нивното заминување често има голем неред, оштетен мебел и инвентар. Има случаи кога се организираат забави до раните утрински часови, поради што реагираат соседите, па сум принудена да повикам и полиција. Затоа сметам дека цената од 120 или 130 евра во шпицот на сезоната е оправдана бидејќи покрај заработката, ние преземаме и голем ризик и дополнителни трошоци за чистење, поправки и одржување на апартманите, вели нашата соговорничка.
Тие посочуваат дека поголемиот дел од годината побарувачката е значително помала, па приходите од јули и август треба да ги покријат трошоците за одржување, даноците, комуналиите и инвестициите во сместувачките капацитети.
Друга сопственичка на приватно сместување смета дека, покрај цените, најголем проблем е нелојалната конкуренција и недоволната контрола на нерегистрираните издавачи.
– Потребно е конечно да се воведе ред во приватното сместување. Има многу сопственици кои издаваат апартмани на црно, без да плаќаат туристичка такса, даноци и другите законски обврски кон државата. Така тие можат да понудат пониски цени, а ние што работиме легално сме ставени во нерамноправна положба. Ги плаќаме сите давачки, инвестираме во сместувањето и се трудиме да обезбедиме квалитетна услуга, но на пазарот не сме во еднаква позиција со оние што работат нелегално, вели нашата соговорничка.
Таа додава дека апартманите ги нудат на платформите „Букинг.ком“ и „Ербиенби“, каде што најчесто резервираат странски туристи.
– Повеќе работиме со странски гости бидејќи тие најчесто резервираат преку „Букинг“ и „Ербиенби“ и ги прифаќаат цените што се формираат на пазарот. Имаме и домашни гости, но нивниот број е значително помал. За многу македонски семејства, 100 евра за ноќевање во апартман во Охрид е превисока цена, па затоа сè почесто се одлучуваат летниот одмор да го поминат во Грција, каде што сметаат дека за истите пари можат да добијат подобра понуда, вели таа.
Дел од издавачите на приватни апартмани велат дека високите цени веќе не се карактеристични само за централното градско подрачје или за апартманите покрај езерото. Во екот на сезоната, високи цени се бараат и во населби кои порано важеа за подостапни, како што е населбата Рача, каде што ноќевање во апартман за четиричлено семејство чини од 100 до 120 евра.
– Цената на апартманот зависи од повеќе фактори. Пред сè, од тоа за колку лица е сместувањето, каква е неговата опременост, колку е оддалечено од езерото и центарот, како и од периодот во кој се резервира. Не е исто дали некој резервира две или три ноќевања или престојува седум до десет дена. За подолг престој најчесто одобруваме поповолни цени. И во овој период може да се најде апартман за помалку од 100 евра, но тоа зависи од локацијата и од условите што ги нуди сместувањето, вели сопственик на приватни апартмани во Охрид.
Издавачите посочуваат дека најголемата побарувачка, традиционално, е во периодот од крајот на јули до првата половина на август, кога најголем дел од капацитетите се резервирани неколку недели однапред.
И покрај високите цени, интересот за Охрид не стивнува, особено за викендите, празниците и периодот кога во градот се одржуваат културни и музички манифестации, поради што тешко може да се најдат слободни апартмани во последен момент.
(А. С.)












