Дојде до неочекуван пресврт кога некои пратеници од партијата на претседателот Владимир Путин, заедно со одредени руски ултранационалисти, застанаа во одбрана на пицата – јадење кое наводно е туѓо за руската култура и потекнува од „непријателска“ земја, пренесува „Еуроњуз“ (Euronews).
Иницијативата за отстранување на пицата од менијата во руските училишни кантини беше покрената на почетокот на ноември од Виталиј Бородин, шеф на Федералниот фонд за безбедност и борба против корупцијата. Тој тврдеше дека прашањето навлегува подлабоко од самата исхрана, наведувајќи дека децата растат консумирајќи „типичен производ на ’непријателска‘ земја која испорачува оружје за Украина“.
Само неколку дена подоцна, тој доби силна поддршка од Елена Јамполскаја, советничка на претседателот Владимир Путин за културни прашања.
„Ова дефинитивно не е јадење што треба да се нуди во училиштата“, изјави Јамполскаја, која брзо премина од аргументи поврзани со исхраната кон одбрана на националните вредности.
Таа предложи државните училишта да ѝ дадат поголемо значење на руската кујна и да ги запознаат младите со сопственото кулинарско наследство, предлагајќи пицата да се замени со јадења како што се *пирошки* (полнети печива), *кулебјака* (традиционална солена пита) и разни видови кнедли.
Сепак, според „Еуроњуз“, многу Руси воопшто не се согласија со овој „кулинарски поход“. Неколку политичари и членови на Граѓанската комора на Русија – тело што има многу блиски врски со властите – беа меѓу првите што изразија противење. Потоа се огласи и Светлана Журова, членка на партијата „Единствена Русија“ на Путин и поранешна олимписка шампионка во брзо лизгање. Таа ја отфрли предложената забрана, нарекувајќи ја „апсурдна мерка“.
Таа нагласи дека патриотизмот не треба автоматски да значи отфрлање на сè што доаѓа од странство, и постави прашање: како Русија очекува да ја одбрани сопствената култура од надворешни напади, доколку се однесува на ваков начин? Државната новинска агенција „РИА Новости“ исто така застана во одбрана на пицата, истакнувајќи дека таа одамна е глобално јадење – ценето далеку надвор од границите на земјата од која потекнува – и дека нема апсолутно никаква врска со политичките контроверзии.
„РИА Новости“ тврди дека нема никаква логика едно јадење да се смета за одговорно за одлуките на италијанската влада.
„Еуроњуз“ (Euronews) забележува дека ова е интересен став, „со оглед на тоа што, всушност, на обвинителна клупа овде не се наоѓа влада, туку тесто со квасец, прелиено со домати и сирење“.
На крајот, „Еуроњуз“ пренесува дека дури и некои руски ултранационалисти јасно ставиле до знаење оти немаат намера да се откажат од пицата.
Константин Малофеев – претприемач и основач на медиумската групација „Царград“, познат по својата поддршка за проруските сепаратисти во Донбас – ја критикуваше тенденцијата секој проблем да се решава со воведување забрани. „Еуроњуз“ го издвојува неговото запазување дека е многу полесно да се забрани нешто, отколку да се направи нешто конструктивно.
Против нападот врз пицата се изјаснија и Сергеј Миронов, лидер на партијата „Праведна Русија“, како и Виталиј Милонов, конзервативен пратеник од партијата „Единствена Русија“. Токму Милонов го постави клучниот прашање: што всушност претставува пицата и кои состојки се ставаат на неа, пишува „Еуроњуз“, додавајќи дека пицата во руските училишта „едвај наликува на она што го замислуваме кога помислуваме на Италија или Неапол“.
„Меѓу критичарите на предлогот, одвреме-навреме се појавуваше истата теза: проблемот не е нужно во пицата, туку во она што завршува врз неа. Загриженоста се однесува на квалитетот на исхраната на децата, а не на националното потекло на рецептот“, пишува „Еуроњуз“.












