понеделник, ноември 16, 2026
Дома СВЕТ Кошта: Иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во рамките на...

Кошта: Иднината на Западен Балкан, Украина и Молдавија е во рамките на Европската унија

0

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска изјави дека проширувањето на Европската унија не е товар со кој треба да се управува, туку инвестиција во заедничкиот просперитет, мирот, безбедноста и стабилноста на Европа, нагласувајќи дека иднината на Украина, Молдавија и сите земји од Западен Балкан е во рамките на ЕУ.

Обраќајќи им се на учесниците на Форумот за проширување на Европската унија, Коста истакна дека проширувањето е една од најзначајните геополитички инвестиции на Европа – инвестиција што придонесува за зајакнување на демократијата, стабилноста и економскиот развој, соопшти Европската комисија.

Тој ги повика сите учесници во процесот на пристапување да го одржат сегашниот замав и да ги претворат заедничките амбиции во конкретни резултати.

„Уште од почетокот на мојот мандат, проширувањето го поставив како стратешки приоритет. Ги посетив сите земји-кандидати во повеќе наврати и тесно соработував со нивните лидери, институции и граѓанското општество за да го унапредам процесот на проширување“, рече Кошта.

Претседателот на Европскиот совет потсети дека Европската унија е изградена врз темелите на помирувањето и мирот, нагласувајќи дека политиката на проширување одиграла клучна улога во надминувањето на историските поделби на европскиот континент.

Како пример, тој го наведе големото проширување од 2004 година, кога десет држави – главно од Централна и Источна Европа – ѝ се приклучија на Унијата. Според него, проширувањата придонеле за зголемување на населението на ЕУ за повеќе од 100 милиони, додека колективната економија пораснала за над два трилиони евра.

Кошта посочи дека земјите од Централна и Источна Европа, кои ѝ се приклучија на Унијата пред повеќе од две децении, ја удвоиле, па дури и повеќе од тоа, големината на своите економии, додека новите земји-членки придонеле за отворање на 26 милиони работни места – од кои повеќе од шест милиони се на нивните сопствени територии.

Тој оцени дека проширувањето и денес ја има истата стратешка улога: ја прави Европа посилен геополитички актер, поотпорна економска сила и значаен фактор за мир.

Зборувајќи за земјите-кандидати, Коста изјави дека нивните напори и бараните реформи заслужуваат солидарност и политичка поддршка од Европската унија. Тој нагласи дека процесот на пристапување мора да остане правичен, доследен и заснован на заслуги, дури и додека ЕУ се подготвува за прием на нови членки.

„Пристапувањето не се сведува само на усогласување на законодавството и институциите. Тоа подразбира и градење доверба, решавање на споровите преку дипломатски канали и со добра волја, како и создавање иднина во која соработката ќе ги замени недовербата и поделбите“, рече Кошта.

Тој предупреди дека европската интеграција мора да придонесе за надминување на историските поплаки, отфрлање на националистичката реторика и зајакнување на вистинската соработка меѓу државите.

Според него, надминувањето на наследството од минатото е клучен предуслов за успешна интеграција во Европската унија. Кошта, исто така, ја истакна важноста од постепено вклучување на земјите кандидати во европските политики и на единствениот пазар, нагласувајќи дека придобивките од проширувањето не треба да станат видливи дури по формалното пристапување.

„Уште за време на процесот на пристапување, ние ги приближуваме земјите кандидати до Европската унија преку постепена интеграција, обезбедувајќи конкретни и видливи придобивки за сите“, рече тој.

Претседателот на Европскиот совет истакна дека пакетот за проширување за 2026 година, претставен од Европската комисија, покажува позитивен замав во процесот – но предупреди дека тој замав не смее да се изгуби.

„Губењето на овој замав би ги загрозило очекувањата на граѓаните и би ја довело во прашање нашата заедничка иднина. Кредибилитетот на процесот и ветувањето што тој го носи за граѓаните мора да останат наши водечки принципи“, нагласи Кошта.

Тој заклучи со изразување на своето цврсто уверување дека иднината на Украина, Молдавија и сите земји од Западен Балкан е во рамките на Европската унија, додавајќи дека заедничка задача на европските институции и држави е ова уверување да го претворат во реалност.

ИЗДВОЕНИ