Гершон Јабуселе верува дека Панатинаикос поседува квалитет со кој може да биде рамноправен со НБА-екипите, па дури и да оствари победи против дел од нив. Во интервју за „Л’Екип“, францускиот кошаркар не го криеше воодушевувањето од талентот со кој располага атинскиот гигант, оценувајќи дека станува збор за, можеби, најквалитетниот состав во кој настапувал некогаш.
- Овој состав на Панатинаикос е навистина неверојатен, можеби и најталентираниот за кој сум играл. Искрено, верувам дека ако сè се поклопи, би можеле да победиме неколку НБА-тима – порача Јабуселе.
Сепак, потенцираше дека не тврди оти Панатинаикос може да го победи актуелниот НБА-шампион, но смета дека против повеќето екипи би имал реални шанси за триумф.
Тој откри и зошто решил да ја напушти НБА и да се врати во Европа, иако кон крајот на минатата сезона, во Чикаго, конечно го пронајде вистинскиот ритам.











