четврток, јули 30, 2026
Дома СПОРТ Инфантино планира да го продаде Светското првенство по разговорите со Трамп?

Инфантино планира да го продаде Светското првенство по разговорите со Трамп?

15
epaselect epa10313977 FIFA President Gianni Infantino addresses a press conference in Doha, Qatar, 19 November 2022. The FIFA World Cup Qatar 2022 will take place from 20 November to 18 December 2022. EPA-EFE/MOAHAMED MESSARA

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, наводно разгледува радикален план за продажба на удел во Светското првенство на приватни инвеститори, потег што би можел фундаментално да го промени начинот на кој се води најпопуларниот спорт во светот.

ФИФА се обидува да профитира од огромниот успех на годинашниот турнир, при што светското управно тело за фудбал планира да продаде малцински удел вреден околу 17,5 милијарди евра на нов комерцијален субјект. Според „Тајмс“, планот би можел да му донесе на шефот на ФИФА десетици милиони евра личен профит.

Се вели дека веќе е дискутирано за контроверзниот план со администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп. Проектот предвидува создавање нова компанија што би ги контролирала сите натпреварувања на ФИФА, и машки и женски, вклучувајќи ги Светското првенство и Светското клупско првенство.

Според моделот, секоја од 211. асоцијации членки би добила удел што би можела да го задржи или продаде за да генерира приходи. Еден извор рече дека парите собрани во трансакцијата ќе се користат за распределба на значително поголеми средства на националните асоцијации, кои моментално добиваат околу два милиони евра годишно од ФИФА.

Една висока фудбалска личност го опиша планот за „Тајмс“ како „нуклеарна бомба“ во спортот. Предлозите сугерираат дека ФИФА ќе го задржи мнозинскиот сопственички удел во новата компанија, додека приватните инвеститори ќе купат 20-30 проценти од акциите. Членките на федерациите ќе добијат мал, обичен удел од вкупно 20 проценти.

Според изворот, ФИФА активно преговара со банката ЏП Морган за да собере милијарди евра со продажба на приближно 20 проценти од сопственичкиот удел на надворешни инвеститори. Технолошкиот инвеститор Џошуа Кушнер, чиј постар брат Џаред Кушнер е во брак со ќерката на претседателот Доналд Трамп, Иванка, исто така е наводно вклучен во разговорите за водење на договорот. Кушнер ќе го води бизнисот преку својот фонд „Трајв етернал“.

Унијата на европски фудбалски асоцијации (УЕФА) остро ги осуди пласираните информации, издавајќи соопштение во кое се вели: „Ова ја преминува линијата што водечките фудбалски институции никогаш не треба да ја преминат. УЕФА го сфаќа ова исклучително сериозно. Истото треба да го прават и сите национални фудбалски асоцијации, како и сите засегнати страни: лиги, клубови, играчи, навивачи, влади и сите што се грижат за иднината на играта. Душата и управувањето со фудбалот не се средства со кои се тргува, особено со нулта транспарентност за тоа кој има финансиска корист. Никој од нас не го поседува фудбалот. ФИФА нема право да го продава“.

Овој потег, исто така, предизвика загриженост дека приватните инвеститори би можеле да извршат притисок за одржување на Светското првенство за мажи во земји каде што може комерцијалниот успех да биде максимален.

ИЗДВОЕНИ