Доаѓањето на европските министри за одбрана на неформален состанок на Европската унија на Кипар се претвори во сериозен дипломатски и воен инцидент. Владата во Никозија објави дека турските сили ги попречиле воените авиони што ги носеле министрите за одбрана на Грција, Франција и Холандија во недела и понеделник, пишува „Политико“.
Кипар, кој моментално претседава со Советот на ЕУ, објави дека ќе поднесе официјални жалби до меѓународните тела, како и ќе ја извести високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Според Виктор Пападопулос, директор на канцеларијата за односи со јавноста на претседателот на Кипар, радио-комуникацијата со авионите била прекината и нарушена од нелегалниот аеродром Ерџан (Тимбу), кој се наоѓа во северниот, турски дел од островот и не е меѓународно признат.
Според извори од грчки и кипарски кругови, во инцидентот учествувале авиони во кои биле грчкиот министер за одбрана Никос Дендиас, француската министерка Катрин Вотрин и холандска делегација.
Летот на грчкиот министер бил особено напнат, чиј авион, според кипарските тврдења, бил следен на одредено растојание од два турски борбени авиони Ф-16.
Турција остро реагирала и дала сосема поинаква верзија за настаните. Синдикатот на контролори на летање во северен Кипар изјавил дека обвинувањата се политички мотивирани, додека официјална Анкара тврди дека обвинувањата за попречување на европските претставници и нарушување на грчкиот воздушен простор се целосно лажни, пишува „Екатимерини“.
Турското претседателство во соопштението наведува дека четири од шесте авиони што летале од Грција кон Кипар влегле во воздушниот простор на непризнаената „Турска Република Северен Кипар“. Турските авиони Ф-16 беа полетаа како мерка на претпазливост, со образложение дека не влегуваат во кипарскиот воздушен простор ниту ги загрозуваат европските мисии.
Инцидентот се случи пред планираното потпишување на одбранбен договор меѓу Кипар и Франција, со кој се регулира присуството и операциите на француските сили на островот.
Кипар е етнички поделен од турската инвазија во 1974 година, по грчкиот државен удар насочен кон обединување на островот. Анкара не ја признава Република Кипар, додека Турската Република Северен Кипар е призната само од Турција, пренесе “Танјуг“.












