сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Имаме горива и керозин не само за нас туку и за соседите

Имаме горива и керозин не само за нас туку и за соседите

53

Државата нема никакви предизвици во синџирот на снабдување со нафта и со нафтени деривати и имаме најевтини горива во регионот. Со керозин кај нас се снабдуваат неколку аеродроми од регионот, покрај набавката на горива што ја прават граѓаните од соседните држави кај нас, на бензинските станици на пограничните места, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Доколку се случи таков предизвик, рече Мицкоски, тогаш навремено ќе се препакуваме и ќе подготвиме нова стратегија.

– Состојбата со нафтата и со нафтените деривати – дизел-горивата, безоловните бензини, керозинот… е во исклучително добра состојба. Како држава, во овој момент не гледаме какви било предизвици во синџирот на снабдување. Во постојана координација сме со снабдувачите. Од тој аспект, не гледаме опасност и за нашите граѓаните и за бизнисите. Има доволно количини во државните резерви, но и во цевководот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата „Окта“, кој е веќе функционален и оперативен – изјави Мицкоски.

Не само што имаме доволно количини за нашите граѓани и бизниси, посочи премиерот, туку зголемена е и потрошувачката, во одредени денови, и за 30 проценти, поради тоа што многу од граѓаните од соседните држави доаѓаат кај нас и точат гориво. Притисокот е најголем на северната, јужната и на западната граница, затоа што кај нас се убедливо најевтини и дизелот и безоловните горива, рече Мицкоски.

Тој посочи дека цената на дизел-горивото кај нас е пониска за над 0,6 евра за литар во однос на онаа кај нашиот јужен сосед, а во однос на онаа во Србија – за 0,3 евра за литар.

– Исто така, со керозинот што го извезуваме, неколку аеродроми добиваат керозин, како што е приштинскиот и некои други, така што во овој момент факт број еден е дека граѓаните кај нас користат најевтини горива во регионот и факт број два: имаме доволно количини и сега-засега не гледаме никаков предизвик поврзан со недостиг. Доколку се случи таков предизвик, тогаш навремено ќе се препакуваме и ќе спремиме нова стратегија – изјави Мицкоски.

Прашан дали се размислува за ограничување за точењето гориво во пограничните места, повтори дека засега сме стабилни и оти не гледа предизвици од аспект на недостиг на горива.

– Од онаа Македонија што коленичеше и молеше наоколу во светот и правеше естрада кога ќе добиеше донација во вакцини и неколку пакети завои, сега сме држава што рефлектира стабилност во регионот и е место каде што граѓаните на соседните држави гледаат да го одржат својот животен стандард. Ние сме задоволни, затоа што политиките на оваа Влада, која речиси две години се справува со последиците од криминалното, предавничко и уништувачко управување со Владата на коалицијата СДСМ и ДУИ, полека, но сигурно доаѓаат до крајот, односно полека, но сигурно го стабилизираме системот. Ние сега се радуваме на состојба нула, бидејќи бевме длабоко во минус. Предизвиците изминативе две години беа жестоки, ќе бидат и понатаму, исто така, пожестоки. Глобалните предизвици се, исто така, големи, но сега-засега можам да кажам дека сме стабилни и немаме предизвици од аспект на недостиг на бензини и на дизел-гориво – рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ