EPA/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ сензационално беше елиминиран во првото коло на мастерсот во Синсинати. Тој загуби од Аргентинецот Тијаго Августин Тиранте со 2:6, 6:4, 6:4. Ова е еден од најшокантните порази во кариерата на српскиот ас, со оглед на тоа што Тиранте во моментов се наоѓа на 50. место на АТП-листата. Покрај тоа, ова е првпат по 2007 година да загуби во воведното коло во Синсинати.

– Пред сè, му честитам на противникот. Искрено, ова воопшто не беше пријатен меч за мене. Така се чувствував. Не беше првпат, а претпоставувам дека нема да биде ни последен, но што е, тука е – рече Ѓоковиќ по мечот.

Температурата во Синсинати беше 28 степени, но влажноста на воздухот дури 80 проценти. Ѓоковиќ беше прашан дали временските услови му создале проблем.

– Не, едноставно во прашање е здравствен проблем што го имам. Ме мачи последниве неколку години. Имам многу проблеми, особено кога има голема влажност на воздухот и кога е топло.

Ѓоковиќ вели дека бил свесен дека ќе биде во неповолна позиција поради временските услови.

– Да, бев свесен за тоа. Но тука се и други работи, нервозата и сè друго што оди со мечот. Сето тоа дополнително ја влошува ситуацијата, и токму тоа се случи.

Со овој пораз, Ѓоковиќ го завршува својот настап во Синсинати и ќе има само две недели целосно физички да закрепне и да се подготви за последниот гренд слем турнир во сезоната, САД Опен, кој почнува на 30 август.

ИЗДВОЕНИ