Од Македонија тргнал камион со „хартија“, но приказната завршила со повеќе од 324 килограми марихуана откриени во Грција. Случајот, кој е дел од грчката полициска акција „Вардарис“, сега има продолжение и кај нас – македонското Обвинителство отвори истрага против едно лице осомничено дека било дел од организираната група за транспорт на дрогата.
Според обвинителството, осомничениот набавил камион и приколка и организирал наводен превоз на рециклирана пресувана хартија од Македонија кон Турција. Наместо да продолжи кон Турција, камионот заминал за Грција, каде приколката била оставена на изнајмен плац во Солун. Неколку месеци подоцна, марихуаната била сокриена во балите со хартија, но грчката полиција ја открила пратката на 14 август.
-Предметен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице. Постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Имено, во периодот од февруари до 14 август 2026 година, осомничениот, заедно со тројца осомничени против кои се води постапка во Република Грција, како повеќе лица, неовластено заради продажба и пуштање во промет организирале набавка, држење и пренесување наркотична дрога – марихуана, во вкупна нето-маса од 324 килограми и 474 грама.
Од Обвинителството појаснуваат дека кон крајот на февруари годинава, осомничениот набавил товарно моторно возило, а на почетокот на март и приколка, по што веднаш организирал наводен превоз на рециклирана пресувана хартија од Македонија кон Турција, преку Бугарија.
-Откако ги завршил царинските формалности, на 8 март 2026 година осомничениот со товарното возило и приколката ја напуштил македонската територија во правец кон Република Бугарија. Меѓутоа, наместо да продолжи кон Република Турција, се упатил кон Република Грција, каде возилото со приколката го оставил на изнајмен затворен плац во Солун. Таму се сретнал со двајца од осомничените против кои се води постапка во Република Грција, од кои едниот е недостапен за органите на прогонот, и го договорил понатамошниот транспорт на наркотичната дрога, откако истата ќе биде сокриена во товарот со рециклирана хартија. По набавката на наркотичната дрога, двајца од осомничените, заедно со засега непознати лица, во периодот од 11 до 14 август 2026 година ја сместиле марихуаната во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија, велат од македонското Обвинитекство.
На 14 август 2026 година, во рамките на акцијата „Вардарис“, полициски службеници во Грција лишиле од слобода двајца од осомничените и извршиле преглед и претрес на изнајмениот плац. Таму била пронајдена приколката, од која претходно биле отстранети регистарските ознаки. Во четири палети сместени во задниот дел од приколката и во уште четири палети пред неа била пронајдена марихуаната.
-Јавниот обвинител оцени дека доколку осомничениот биде оставен да се брани од слобода може да се даде во бегство, да ја попречува кривичната постапка со влијание врз соучесници и сведоци или да го повтори кривичното дело. Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје беше доставен предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифати предлогот и со решение вчера на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, стои во соопштението од ОЈО.












