среда, јуни 10, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Иловица ќе полни и државен и општински буџет – најмалку четири милиони...

Иловица ќе полни и државен и општински буџет – најмалку четири милиони евра годишно од концесии

12

Државата воведува поголем ред во рударството и експлоатацијата на минерални суровини, а истовремено значително ги зголемува приходите во буџетот од концесиските надоместоци, откако минатата година стапи во сила нов тарифник со двојно повисоки цени. Паралелно се финализираат и новите закони за рударство и геологија, кои треба да отворат простор за нови инвестиции, особено во секторот на критичните минерали, со примена на современи технологии и европски стандарди за заштита на животната средина. Меѓу критичните минерали со кои располага Македонија е и бакарот, а за негова експлоатација веќе е најавена инвестицијата во Иловица.

Според инвеститорот, проектот би можел да донесе повеќе од 340 милиони евра приходи во буџетот. Сепак, сè уште не е познато колкави ќе бидат годишните давачки кон државата и општините, имајќи предвид дека цената на бакарот расте, а во меѓувреме се зголемени и концесиските надоместоци. Претходните процени покажуваа дека концесискиот надомест би достигнувал околу четири милиони евра годишно, што претставува шест проценти од добивката пред оданочување. Дополнително, секоја година беа проектирани околу 24 милиони евра за даноци, такси и други законски обврски кон државата. Од нив, околу три милиони евра требаше директно да завршуваат во буџетите на локалните општини, што би значело нивно зголемување за околу 40 проценти. Со новите услови, се очекува овие износи да бидат уште повисоки.

Од ресорното Министерство посочуваат дека покрај поскапувањето на концесиите, значително е подобрена и наплатата, а воедно се одземени повеќе од 50 концесии. Компаративна анализа покажала дека Македонија имала убедливо најниски концесиски надоместоци во регионот и Европа, поради што тие биле зголемени за 100 проценти. Како резултат на тоа, наплатата е повисока за 218 проценти. Додека во 2024 година во буџетот биле инкасирани 560 милиони денари, во 2025 година приходите надминале 1,2 милијарди денари.

Министерството информира дека активно постапува по пријави за можни злоупотреби и нелегална експлоатација на минерални суровини. При контролите биле утврдени различни прекршоци, меѓу кои неплатени концесиски надоместоци и експлоатација надвор од дозволените концесиски подрачја.

Овие активности се надоврзуваат на новата Фискална стратегија 2027 – 2031, која предвидува подобро управување со природните ресурси и примена на најсовремени практики во истражувањето и експлоатацијата на минералните суровини. Во стратегијата се утврдени и конкретни индикатори за следење на резултатите, меѓу кои бројот на издадени концесии за детални геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини.

Во 2024 година била издадена само една концесија за детални геолошки истражувања, додека од 2026 до 2030 година се планираат по 15 концесии годишно. Истовремено, се предвидува значително зголемување и на концесиите за експлоатација на минерални суровини. Ако во текот на 2024 година биле издадени седум вакви концесии, во наредниот период до 2030 година целта е секоја година да се доделуваат по околу 20 концесии.

ИЗДВОЕНИ